old.avtoplus.mk

Зделката меѓу Sauber и Honda пропадна?

Зделката за испорака на мотори Honda на швајцарскиот тим во Formula 1, Sauber пропаднала, соопштија неколку независни извори, но информациите се уште не се потврдени од ниту една од двете страни.

Пред само неколку дена се појавија многу прашања за тоа, која е причина за разделбата на тимот со Мониша Калтенборн, која досега раководеше со Sauber. Многумина потенцираа дека еден од проблемите е најавената соработка меѓу Honda и Sauber, иницирана од Калтенборн. Зделката со Sauber беше склучена неодамна и се очекуваше дека таа ќе им овозможи на Јапонците да стигнат побрзо до решение на проблемите во развојот на системи за погон, бидејки ќе добиваат повеќе информации од вториот тим, со кој би работеле. Како што е познато Honda по враќањето во спортот е дел од тимот на McLaren, но се знае дека не им оди баш најдобро и Јапонците се постојано изложени на критики. Во исто време се појави информација дека договорот со Honda за 2018 и не бил потпишан и сопствениците на Sauber одлучиле конечно да се откажат од партнерството со јапонскиот гигант.

Иако Паскал Пичи, претседател на Longbow Finance, сопственикот на Sauber, даде дипломатски одговор дека разделбата е „консензуална и доаѓа поради разликите на двете страни за иднината на компанијата", се претпоставува дека токму договорот со Honda е една од причините Калтенборн да замине, бидејки сопствениците одлучиле дека тимот не може да си дозволи уште една слаба сезона и затоа решиле да се насочат кон друг снабдувач на мотори.

Од 2017 година Sauber користи мотори на Ferrari, верзија 2016, кои не се развиваат понатаму и тимот е на дното на табелата. Пред новиот шеф на тимот, Фредерик Васеор, кој минатата година го водеше Renault, претстојат многу проблеми за решавање.