НАСЛОВНАНОВИТЕТИСАЕМИ

Париз 2018: BMW со премиера на X5 и X5 xDrive45e

Самоуверено BMW го претстави X5 како досега најголемата и најдобрата верзија на овој модел

Како и останатите брендови, така и BMW го прати трендот на подобрување и надградување на своите модели, па така како новитет во Париз ни беше претставена четвртата генерација на незаменливиот X5. Овој модел претставува полуксузен и многу понапреден од моделот кој го заменува, односно нуди и повеќе од сè.

Популарноста може да се види и од самата негова продажба, која изнесува 180.000 возила од вкупно 2 милиони продадени од BMW во светот во изминатата година. За првпат овој модел беше претставен во 1999 год, и од тогаш па се до денес, продадени се преку 2.2 милиони X5. Оваа бројка само ќе расте со воведувањето на новата генерација на овој модел, чија продажба ќе започне уште наредниот месец.
И покрај препознатливоста, редизајнираниот кросовер има поагресивен изглед кој се должи на масивната хромирана решетка поставена во средината на предниот браник кој изгледа погрубо и поспортски од кога и да е. Во предните фарови задржана е LED технологијата во препознатливата L-форма. При поглед на задниот дел, може да се забележи дека и кај овој модел исто така е употребен хромираниот двоен издувен систем и препознатливиот спојлер монтиран на задната хауба. Еден од највпечатливите елементи во надворешниот изглед кај сите возила се фелните, а кај овој модел тие ќе доаѓаат во 19 и 20-инчна изведба. Како што кажавме, овој X5 е поголем од претходните, односно во должина е пораснат за 36mm, 66mm во ширина и 19mm во висина. Исто така и меѓуоскиното растојание е поголемо од порано за дополнителни 42mm.

bmw x5 paris

Што се однесува до интериерот, еволуцијата продолжила и тука, каде се имплементирани поквалитетни материјали, понапредна технологија и нови системи. Присутна е третата и поголема генерација на Head-Up дисплејот кој прикажува повеќе информации од кога и да е. Дополнително во централниот дел на контролната табла се наоѓа и 12,3-инчен дисплеј со исто така зголемен број на функции. Како дел од опремата, кај овој модел спаѓа и Surround системот на BMW со 3D аудио подржуван од 20 звучници. Во задниот дел на возилото се наоѓаат два 10,2-инчни дисплеја задолжени за забава на патниците на задната клупа. Исто така тука е и панорамскиот сончев кров наречен „Sky Lounge“, кој го прави уште повозбудливо возењето во овој кросовер. Од практичен аспект, треба да се напомене дека зафатнината на багажниот простор кај X5, изнесува 645 литри која може да се зголеми и до 1.860 со спуштање на задната клупа.
На почетокот, X5 ќе доаѓа со вкупно два бензински и два дизел мотори. Кај бензинските мотори, првата опција е 3.0 турбо мотор со 335 коњски сили и 450 Nm вртежен момент, кој од 0-100 km/h забрзува за 5,5 секунди и достигнува максимална брзина од 243 km/h. Другата бензинска опција е со 4.4-литарски твин турбо V8 мотор, со 462 коњски сили и 650 Nm вртежен момент, кој забрзува од 0-100 km/h за импресивни 4,7 секунди и достигнува максимална брзина од 250 km/h. За жал, оваа верзија ќе биде достапна само кај X5 xDrive50i кој нема да биде понуден во Европа. Што се однесува до дизел моторите, првата опција е 3.0-литарскиот турбо мотор со 261 коњски сили и вртежен момент од 620 Nm. Втората опција е квад-турбо 3.0 мотор со 394 коњски сили и вртежен момент од 760 Nm. Од 0-100 km/h забрзува за 5,2 секунди и достигнува максимална брзина од 250 km/h. Без оглед на тоа кој мотор е избран, сите ќе доаѓаат со осум-степен автоматски менувач.

bmw x5 paris

Како дополнителна модел во гамата на кросовери на BMW, претставен беше и X5 xDrive45е iPerformance кој има и хибриден погон. Тој ни доаѓа со 3.0-литарски TwinPower турбо бензински мотор, со 282 коњски сили. Овој мотор е подржан со електричен мотор кој придонесува со дополнителни 110 коњски сили, па така максималната комбинирана моќност на овој модел е 388 коњски сили и вртежен момент од 600 Nm. Забрзувањето од 0-100 km/h е за само 5.6 секунди и достигнува максимална брзина од 235 km/h, односно 140 km/h само во електричен мод. Овој мотор е придружуван од осум-степен автоматски менувач со стандарден погон на сите четири тркала.
Кога станува збор само за искористеноста на електричната енергија, овој модел благодарение на литиум-јонската батерија, може да помине 80км без никаква употреба на гориво, што е речиси три пати подолго од претходниот модел. Благодарение на сето ова, комбинираната потрошувачка на гориво кај X5 xDrive45е изнесува 2.1 L/100km, со емисија на CO2 од 49 g/km.

Овој модел ќе пристигне на Европскиот пазар дури наредната година, а неговото лансирање во Америка е закажано дури во 2020 година.

 

Клучни зборови

Поврзани вести

Може и ова да ви се допадне

Close
Close