Škoda додаде Sportline верзија во поставата на Superb
Новата Sportline верзија на Superb би можела да биде своевидна најава за долгонајавуваниот перформансен предводник во поставата RS
Škoda ја прошири поставата на новиот предводник на Superb со додавање на верзијата Sportline. Superb Sportline е достапен и во лифтбек и во караванска каросериска изведба со благи визуелни ажурирања, нови тркала, спуштена суспензија и дарежлива опрема. И покрај спортскиот изглед, моделот е достапен со стандардните погонски единици, оставајќи ја дополнителната моќност за најавуваниот Superb RS.
Škoda нуди Sportline верзии на повеќето свои модели, така што не треба да биде изненадување што Superb го доби истиот третман. Новата верзија служи како поспортска алтернатива на луксузната верзија на Laurin & Klement, со слична конфигурација со високи спецификации.
Однадвор, Superb Sportline се одликува со црната екстензија на браникот со соодветни странични прагови и дифузор. Сите хромирани делови се заменети со металик црна облога, во комбинација со затемнети стакла и амблеми на Sportline.
Стандардните 18-инчни антрацитни тркала може да се заменат со поубав сет од 19-инчни Torcular легури или 19-инчни тркала Aniara со аеро капаци. Моделот има и предни светла со LED Matrix и задни LED светла со анимирани индикатори.
Внатре, наоѓаме загреани спортски седишта со интегрирани потпирачи за глава и функција за масажа, или опционалните електрично прилагодливи, ергономски спортски седишта со AGR сертификат со греење и вентилација. Темната тема продолжува со тапацирот од Microsuede и вештачка кожа, црната облога на покривот и инсертите во карбонски стил на контролната табла и панелите на вратите. Други карактеристики ги вклучуваат педалите од не’рѓосувачки челик и значката Sportline на воланот.
Superb Sportline има долга листа на стандардна опрема, вклучително и 10-инчен виртуелен кокпит со графика специфична за верзијата, 13-инчен инфозабавен дисплеј, амбиентално осветлување и ламинирано стакло за поголема изолација од бучава.
Спортска шасија, но без дополнителна моќност
Новиот изглед е комбиниран со спортска шасија, која се наоѓа 15 милиметри пониско од стандардниот Superb, работи заедно со стандардното прогресивно управување и опционалниот динамичен систем за контрола на шасијата.
Superb Sportline е достапен со сите погонски опции. Ова значи дека произведува од 150 КС кога е опремен со почетните дизел мотори 1.5 eTSI mHEV и 2.0 TDi, па сè до 265 КС колку што испорачува најмоќната 2.0 TSI бензинска верзија која најмногу одговара на изгледот.
Се шпекулира дека Škoda работи на верзија Superb RS која ќе биде перформансен предводник во поставата на кој би можел да се најде помоќна plug-in хибридна поставка.