Lamborghini Fenomeno: Нов ултра-реток суперспортски бисер
Lamborghini Fenomeno е базиран на Revuelto, поседува 1.065 КС и е во лимитирано производство од 29 единици со цена од 3 милиони евра

Во пресрет на Monterey Car Week, Lamborghini ја претстави својата најнова екстремна креација – Fenomeno. Овој „few-off“ модел, изработен во само 29 примероци за целиот свет, ја спојува врвната италијанска дизајнерска лудост со монструозна моќност, поставувајќи нови стандарди во светот на суперспортските автомобили.
Радикален дизајн што го засенува и Revuelto
Иако е базиран на V12-хибридниот Revuelto, Fenomeno добива целосно преработено каросериско тело, што му дава сопствен и препознатлив идентитет. Предниот дел се издвојува со остри, аглести предни светла и хауба со масивни отвори за воздух, како и специјален браник со декоративна лента по сплитерот.
Страничните панели се редизајнирани со две големи отвори за воздух зад вратите, а задниот дел импресионира со целосно нов дизајн во карбон, Y-образни LED светла и четири централизирани издувни цевки.
Под хаубата уште повеќе моќ
Fenomeno користи 6.5-литарски атмосферски V12 мотор, засилен со поголема 7 kWh литиум-јонска батерија. Моторот е пренастроен да испорачува 833 КС, а во комбинација со електричниот дел од хибридниот систем, вкупната моќност достигнува 1.065 КС – за 64 КС повеќе од Revuelto.
Забрзувањето до 100 km/h трае само 2,4 секунди, а максималната брзина останува на импресивни 350 km/h. Подобрена е и електричната автономија, која сега изнесува 20 km.
Ексклузивност по цена и производство
Внатрешноста останува блиска до онаа на Revuelto, со дигитална инструмент табла, централeн „floating“ екран и дисплеј за совозачот. Производството е строго ограничено на 29 автомобили, со почетна цена од околу 3 милиони евра. Со толкава ексклузивност, Fenomeno е резервиран само за најпривилегираните клиенти на брендот.