Ferrari 849 Testarossa, легендата се враќа со над 1.000 КС

Ferrari ја враќа легендата Testarossa со новиот 849 модел кој располага со plug-in хибриден погон со V8 мотор и три електромотори

По речиси три децении отсуство, славното име Testarossa повторно се враќа на сцената. Ferrari официјално го претстави новиот 849 Testarossa, плаг-ин хибриден суперавтомобил кој ќе го наследи SF90 Stradale и Spider. Новиот модел комбинира редизајниран битурбо V8 мотор со три електромотори, за вкупна моќност од импресивни 1.035 КС (772 kW).

Ferrari 849 Testarossa

Хибриден погон со три електромотори

Бензинскиот агрегат сам по себе развива 819 КС, благодарение на нови глави на цилиндри, издувни гранки и најголемите турбополначи некогаш вградени во сериски Ferrari. Дополнителните електромотори носат уште 217 КС, од кои два се поставени на предната оска за torque vectoring, а третиот се наоѓа меѓу моторот и менувачот.

Возењето само на струја е можно, но ограничено на преден погон и брзина до 130 км/ч, со максимален опсег од 25 километри благодарение на батерија од 7,45 kWh.

Ferrari 849 Testarossa

Перформанси што ја надминуваат SF90

Ferrari најавува перформанси кои ги надминуваат SF90 XX Stradale. Забрзувањето од 0-100 км/ч трае само 2,2 секунди, додека 0-200 км/ч се постигнува за 6,3 секунди. Максималната брзина надминува 330 км/ч, а преносот е доверен на осумстепен автоматски менувач со двојна спојка.

Аеродинамика и верзија Assetto Fiorano

Новиот Testarossa располага со активни аеродинамични елементи кои создаваат дури 415 кг потисна сила при 250 км/ч. За најпосветените возачи, Ferrari ја нуди специјалната верзија Assetto Fiorano, која благодарение на титаниум и карбонски компоненти е полесна за 30 кг и има фиксни Multimatic амортизери и зголемена потисна сила.

Дизајн со историско име

Името Testarossa датира од педесеттите години, кога Ferrari ги боеше капаците на моторите во црвена боја – „testa rossa“ на италијански значи „црвена глава“. Новиот модел не копира ретро линии, туку комбинира елементи од седумдесеттите спортски прототипи и аеронаутиката со современи остри линии. Резултатот е автентичен Ferrari кој изгледа уште поагресивно од SF90.

Внатрешност и опции

Кабината е ориентирана кон возачот, со физички контроли на воланот наместо touch-команди, дигитални дисплеи и избор меѓу удобни или тркачки седишта. Купувачите можат да изберат нови специјални бои – Rosso Fiammante и Giallo Ambra, како и Alcantara внатрешност во нијанса Giallo Siena.

Ferrari 849 Testarossa

Почеток на продажба

Ferrari не ја откри официјалната цена, но се очекува да биде значително повисока од SF90, кој стартуваше околу 450.000 евра. Испораките на 849 Testarossa Coupe и Spider ќе започнат следната година.

Поврзани вести

Back to top button