Првиот електричен автомобил на Škoda пристигнува следната година
За време на годишново претставување на финансиските резултати, Škoda Auto потврди официјално дека иднината на компанијата ќе е поврзана со лансирање на електрични модели и електрификација на портфолиото на брендот
Првиот целосно електричен автомобил на Škoda од погоните на фабриката во Млада Болеслав ќе го видиме веќе следната година и ќе биде специјална верзија на компактниот Citigo.
Исто така во 2019 година, но во производствениот објект во Квасини, компанијата ќе започне со монтажа на својот прв plug-in хибрид – SUPERB PHEV. Во исто време, во Млада Болеслав, Škoda ќе почне да произведува компоненти за електрични погонски системи и други модели од портфолиото на Volkswagen Group. Во 2020 година ќе станеме сведоци на пазарното лансирање на сериската верзија на целосно електричниот модел направен врз концептот VISION E, развиен врз основа на специјалната модуларна платформа MEB (Modular Electrification Kit).
Во следните две години, Škoda Auto ќе понуди на пазарот вкупно 19 нови модели и модификации, вклучувајки ја и сериската верзија на VISION X, која дебитираше на меѓународниот салон во Женева пред неколку дена. До 2025 година, портфолиото на Škoda ќе вклучува вкупно десет електрични и електрифицирани предлози.