Премиера на Renault Twingo E-Tech Electric
Новиот Renault Twingo E-Tech Electric нуди до 263 километри автономија, модерен дизајн и почетна цена под 20.000 €

Renault официјално го претстави новиот Twingo E-Tech Electric, модел кој го оживува легендарниот градски автомобил од 1990-тите и го претвора во целосно електричен „game changer“ за урбаниот сообраќај. Иако денес А-сегментот претставува помалку од пет проценти од европскиот пазар, побарувачката за мали, практични и пристапни градски возила не исчезна. Проблемот, според Renault, е што повеќето производители се повлекоа од сегментот поради тешкотијата да се понуди модерен производ по прифатлива цена. Renault, напротив, гледа можност таму каде другите се откажуваат.

Дизајн инспириран од првата генерација
Новата генерација го задржува духот на оригиналниот Twingo, но со целосно современ визуелен пристап. Компактните димензии, модерните површини и лесно препознатливата силуета придонесуваат автомобилот да изгледа ведро и оптимистички, токму како моделот од 1992 година. Карактеристична е новата конфигурација со пет врати, додека ентериерот е адаптиран да понуди максимална практичност во мал формат. Багажникот има капацитет до 360 литри, кој значително се зголемува со преклопување на задните седишта, а преклопливото совозачко седиште овозможува транспорт на долги предмети. Дополнително, задните седишта може да се лизгаат независно, што овозможува флексибилен избор меѓу простор за патници или товар.

Електричен погон развиен за градски услови
Twingo E-Tech Electric е опремен со електромотор со моќност од 60 kW, кој овозможува забрзување до 50 km/h за само 3,85 секунди, додека максималната брзина е ограничена на 130 km/h. Батеријата е со капацитет од 27,5 kWh и користи LFP технологија, која според Renault нуди идеален баланс помеѓу цена, издржливост и автономија. WLTP дометот достигнува до 263 километри, што го позиционира моделот како практичен избор за секојдневни потреби во град и приградска зона. Поддржани се и брзо DC полнење до 50 kW, со полнење од 10 до 80 проценти за околу половина час, како и 11 kW AC полнење за домашни или јавни станици.

Модерна технологија достапна за најшироката публика
Иако се работи за автомобил во најнискиот ценовен сегмент, Twingo E-Tech Electric не штеди на технологија. Моделот доаѓа со OpenR Link мултимедијален систем со вграден Google, што значи познат интерфејс, навигација со електрични рути и интелигентни функции за управување со полнењето. Вградениот гласовен асистент Reno поддржува контрола на возилото и информирање во реално време, а во зависност од опремата, достапни се и One Pedal Drive функции, како и користење на V2L технологија за напојување надворешни уреди.

Европско производство со глобално инженерство
Моделот е развиен во рамките на програмата „Leap 100“, што значи дека целосниот развоен процес траел помалку од две години. Производството ќе се одвива во фабриката Novo Mesto во Словенија, додека значаен дел од развојот на погонот и батеријата е во соработка со инженери од шангајскиот развоен центар ACDC и батерискиот партнер CATL. Оваа комбинација овозможила намалување на трошоците, без компромиси во квалитетот и функционалноста.

Целосно електричен модел по цена под 20.000 евра
Најсилниот адут на новиот Twingo е цената. Renault потврди дека базната верзија ќе стартува под 20.000 евра, што го прави еден од најдостапните електрични автомобили на европскиот пазар. Дури и повисоките нивоа на опрема ќе останат ценовно конкурентни.
Продажбата во Европа започнува на почетокот на 2026 година.

































