„Сејф Сити“ стартува – Дали камерите ќе ни ги сменат сообраќајните навики?

Од 1-ви декември 2025 година, во Скопје и дополнителни градови како Тетово и Куманово започнува работа системот Safe City, замислен како голема технолошка транзиција во полициското патролирање и контрола на сообраќајот. Во првата фаза, системот е во „пробен режим“, односно камерите само снимаат и испраќаат опомени, без веднаш да изрекуваат казни.

Но, како што најавија од МВР, пробниот период ќе трае еден месец, а од 1 јануари 2026 година следува целосна примена: возачите чии прекршоци ќе бидат документирани со брзина, поминување на црвено, непрописно паркирање или истечена сообраќајна дозвола ќе добиваат СМС и е-порака со записник и платен налог. Според правилата, ако санкционираниот возач ја плати казната во рок од осум дена добива право на попуст (половина од казната). По тоа, ако не се плати, следува наплата на целосниот износ.

Целта на системот, како што објаснуваат од МВР, е „поуреден и побезбеден сообраќај, подобрување на сообраќајната култура, намалување на несреќите, штетите и жртвите на патиштата“.

Но што значи ова реално, и дали е доволно само со камери да се решат проблемите со дисциплината на патиштата?

Како всушност функционира Safe City?

Системот „Сејф сити“ автоматски ги регистрира сообраќајните прекршоци преку мрежа од камери, сензори и уреди за снимање, кои за почеток ќе бидат поставени во Скопје, Тетово, Куманово и на клучните автопатски правци. Во првата фаза, системот ќе следи четири категории прекршоци: пречекорена брзина, минување на црвено светло, возење со истечена сообраќајна дозвола и неправилно паркирање, а во следната фаза ќе бидат додадени и други видови прекршоци. За ова се потребни и промени на Законот за безбедност во сообраќајот, но и уште пет-шест закони кои се веќе во Собраниска процедура и чии промени се неопходи за новиот систем да функционира беспрекорно, а се со цел што е можно помало човечко влијание.

Откако камерата ќе детектира прекршок, софтверот автоматски ја идентификува регистарската табличка и го поврзува возилото со сопственикот, а потоа МВР испраќа СМС и е-пошта со записник и платен налог. Во меѓувреме, припадници на МВР, кои ќе имаат улога на контролор, ќе го проверуваат системот и секоја порака која истиот ја испраќа за да проценат дали прекршокот кој е забележан од системот е валиден и технички исправен. По ова, сопственикот има рок од осум дена да плати половина од казната; по истекот на тој рок, целосниот износ мора да се плати во следните осум дена, пред да започне постапката за присилна наплата. За прекршоци за кои е предвидена и мерка забрана за управување возило, МВР дополнително поднесува барање до надлежен суд.

Плаќањето ќе може да се врши електронски, а системот веднаш ќе го извести МВР дека глобата е подмирена. Во втората фаза од проектот е планирано проширување на спектарот на прекршоци што ќе ги регистрира системот.

Што покажуваат искуствата од Европа

Идејата не е нова, во многу европски градови и држави, автоматските системи за контрола на сообраќај (камери, ANPR, софтвери за препознавање прекршоци) одамна се дел од „паметната инфраструктура“. На пример, во земји како Шведска и Белгија, бројни студии покажуваат дека автоматското санкционирање води до значително намалување на сообраќајни незгоди, особено оние поврзани со брзо возење и неправилна маневрирање.

Во Кипар, воведувањето мобилни камери за препознавање регистарски таблички резултирало со 39% намалување на смртните случаи од сообраќајни несреќи за 18 месеци од стартот.

Истражувањата покажуваат дека системите од типот на Safe City, каде што се интегрирани камери, софтвер за анализа, и автоматско санкционирање, може да ја подобрат безбедноста, да ја намалат сообраќајната несигурност и да ги стимулираат возачите да возат одговорно, особено на места каде што сознанијата од традиционалната контрола биле недоволни.

Тоа значи дека Македонија, со стартот на Safe City, се приклучува кон широка европска тенденција, но реалниот успех ќе зависи од тоа како системот ќе се одржува, колку ќе биде транспарентен, и како граѓаните ќе реагираат.

Предизвици и дилеми: дали само камери се доволни?

Технологиите како Safe City се покажале доста успешно, но секако дека тоа не е доволно. Истражувања покажуваат дека кога контрола нема возачите брзо се враќаат на старите навики. Тоа значи дека за трајно да се промени сообраќајната култура мора да се комбинираат камери со други мерки: едукација, подобра инфраструктура, сообраќајни инспекции, сообраќајни правила што ги следи државата.

Покрај тоа, важно е системот да биде транспарентен, да се знае кои прекршоци се регистрираат, како се потврдуваат, како се известуваат возачите. Ако граѓаните го доживеат Safe City само како репресивна мерка, а не како дел од поголема стратегија за безбедни улици ефектот може да биде ограничен.

Што може да значи Safe City за Скопје и Македонија

Ако системот се одржува, проширува и комбинира со активности за едукација и сообраќајна инфраструктура резултатите можат да бидат значајни. Помалку сообраќајни несреќи, помал број на сообраќајни жртви, повеќе ред, дисциплина, сите овие се реални цели.

Но дали ќе се постигнат? Многу зависи од одговорноста на институциите и од однесувањето на граѓаните. Камерите можеби ќе ги фатат брзите, оние што преминуваат на црвено, неправилно паркираните, но дали системот ќе ги поттикне и пешаците, велосипедистите, останатите учесници да бидат повнимателни?

Дали Скопје ќе стане пример за урбана безбедност и дисциплина? Или Safe City ќе остане само надградба на полициска контрола, без вистинска промена на културата?

Заклучок

Воведувањето на Safe City е важен чекор, можеби еден од најзначајните во последните години во корист на безбедноста на сообраќајот во Македонија, и како таков е повеќе од неопходен веќе некое време, бидејќи сме сведоци на целото дивеење во сообраќајот години наназад, кое како да ескалираше во последниве месеци. Ако се искористи паметно, ако се спроведе со транспарентност, поддршка од државата и разбирање од граѓаните, може да донесе реални резултати.

Но, како што покажуваат примери од Европа: камерите и технологијата се само еден слој од системот. За да се создаде вистинска промена, треба и едукација, добра инфраструктура, постојан инспекциски и институционален притисок, како и граѓанска свест.

Прашањето останува отворено: Дали Safe City ќе го промени однесувањето на возачите и пешаците – или ќе остане уште една форма на контрола, без вистинска сообраќајна култура? Секако, од некаде треба и мора да се почне, а за понатаму останува и на совеста и свеста на самите учесници во сообраќајот.

Поврзани вести

Back to top button