Викенд тарифа: Toyota објави спектакуларна реклама за GR Yaris која стана забранета
Toyota мораше да ја повлече својата спектакуларна реклама за GR Yaris во Австралија, откако беше оценето дека не е во согласност со некои тамошни правила
Toyota повторно се најде во фокусот на јавноста во Австралија, овојпат поради телевизиска реклама за спортскиот модел GR Yaris, која беше официјално забранета од локалните регулатори. Според надлежните институции, рекламата ги прекршува строгите стандарди за огласување моторни возила, со што повторно се отвори долгогодишната дебата меѓу автомобилските производители и австралиските регулативи за безбедност и усогласеност.
Во спорната реклама, Toyota го прикажува GR Yaris во изолирана и фиктивна околина. Возач облечен во тркачка опрема пристигнува во имагинарен ресторан за брза храна со името „Up’n Down Burgers“, каде опуштено нарачува бургер, помфрит и милкшејк. Додека нарачката се подготвува, автомобилот се вози динамично по макадамски пат, по што следи впечатлив скок. Потоа сцената продолжува кон пристанишна локација, каде системот за погон на сите тркала GR-Four доаѓа до израз, вклучувајќи и кратка секвенца на возење на две тркала, пред GR Yaris да заврши паркиран покрај GR86 и GR Corolla.
Спортската ДНК на GR Yaris како аргумент на Toyota
Токму овие сцени го привлекле вниманието на австралиските регулатори. По разгледувањето, било утврдено дека рекламата го прекршува Кодексот на Federal Chamber of Automotive Industries. Во одлуката се наведува дека доколку ваков начин на возење би се изведувал на јавни патишта, речиси сигурно би ги прекршил законите во која било австралиска држава или територија.
Од Toyota возвратија дека GR линијата има автентично мотоспорт педигре и дека рекламата е намерно замислена како „фантастична и нереална“ интерпретација на рели-возење. Според јапонскиот производител, сцените се изведени од професионалци, на затворени патишта и во возила кои директно ја споделуваат ДНК-та на Gazoo Racing тркачките модели. Целта, велат од Toyota, не била да се поттикне неодговорно однесување во реалниот свет, туку да се прикаже потенцијалот на автомобилот во контролирани и стилизирани услови.
И покрај ваквото образложение, регулаторното тело Ad Standards наложи рекламата веднаш да биде повлечена од телевизиско емитување. Спотот во моментов не се прикажува на традиционалните медиуми, иако сè уште може да се најде на YouTube.



