Крај за експериментот со четири цилиндри: Новиот AMG GLC 53 се враќа на „шестка“
Моторот со четири цилиндри кој Mercedes го користеше кај AMG GLC 53 е минато, а на негово место доаѓа 3.0-литарски шестцилиндарец со 449 КС

Mercedes-AMG конечно направи потег кој многумина фанови тивко го посакуваа. Германскиот бренд реши да стави крај на експериментот со високофорсираните четирицилиндрични мотори кај своите спортски SUV модели, враќајќи го во игра моќниот линиски шестцилиндарец. Новиот Mercedes-AMG GLC 53 пристигнува како директен наследник кој истовремено ги заменува досегашните модели 43 и хибридниот 63.
Наместо комплицираниот plug-in хибриден систем со четири цилиндри, кој се потпираше на батерии за да постигне високи перформанси, новиот GLC 53 ќе користи 3.0-литарски турбо мотор со шест цилиндри и блага хибридна (mild-hybrid) поддршка. Оваа промена не е само техничка, туку и емотивна – AMG ветува многу побогат и поавтентичен звук кој е заштитен знак на овој бренд.

Моќност и перформанси: Златната средина
Новиот погонски агрегат испорачува 449 коњски сили и 600 Nm вртежен момент. Благодарение на „overboost“ функцијата, вртежниот момент привремено може да скокне до 640 Nm. Електричниот систем помага во пополнување на „дупките“ при забрзувањето, овозможувајќи му на GLC 53 да достигне 100 км/ч за само 4,2 секунди.
Иако ова е за 0,7 секунди побавно од бруталниот GLC 63 PHEV (кој имаше 680 КС), во AMG веруваат дека искуството во возењето е многу поважно од бројките на хартија. Максималната брзина е електронски ограничена на 250 км/ч, но со опционалниот AMG пакет може да се зголеми на 270 км/ч.

Што не очекува во иднина?
Оваа промена кај GLC е само почеток. Истата моторна конфигурација наскоро ќе ја видиме и кај новиот Mercedes-AMG C53. Иако GLC 53 е моменталниот предводник, останува прашањето дали AMG засекогаш ќе ја напушти ознаката „63“.
Според гласините од германските медиуми, постои можност за враќање на V8 моторот во екстремно лимитирани верзии, со цел да се парира на конкуренцијата како BMW M3 и претстојниот X3 M.














