Тест Cupra Terramar: Динамика со рационална основа

Со моделот Terramar, марката Cupra влегува во фаза на целосна пазарна зрелост. Она што некогаш беше перформансна алтернатива во рамките на групацијата, денес е самостоен бренд со прецизно дефиниран дизајнерски јазик, технолошки идентитет и јасна целна публика.

Новиот Terramar е позициониран во срцето на SUV понудата и има задача да ја спои динамиката со практичноста, без компромис во ниту еден од тие два света. Тестираната изведба со 2.0 турбо мотор кој испорачува 204 КС и има погон на сите тркала претставува рационално избалансирана конфигурација која нуди убедливи перформанси, високо ниво на стабилност и комфор, но и реална употребливост во секојдневието.

Мускулеста силуета со јасна намера

Ако погледнеме подобро ќе забележиме дека моделот Terramar не се вклопува во шаблонот на типичен семеен СУВ. Неговата силуета е динамична, со долг преден дел и визуелно спуштен профил. Предната маска е широка и ниско поставена, со изразени отвори за воздух и триаголни ЛЕД светлосна графика вкомпонирани во светлосните групи. Потписот е агресивен, но не и пренагласен.

Капакот на моторот носи изразени ребрасти испакнувања кои му даваат мускулест изглед, додека страничната линија се карактеризира со нагласени лакови на тркалата и прецизно исцртани динамични линии. Големите, 19 инчни алуминиумски тркала со нивниот изглед дополнително ја потенцираат спортската ориентација. На задниот дел доминира целосна ЛЕД светлосна лента со интегрирано и осветлено Cupra лого, а спортскиот дифузер дискретно интегрирана во задниот браник ја дополнува челосната визуелна рамнотежа. Вкупниот впечаток е дека Terramar e SUV кој изгледа стабилно и широко поставено на асфалтот, создавајќи слика на сериозно појава со став која нема намера да одстапи.

Возачот во центарот на вниманието

Ентериерот ја следи истата филозофија, фокус е ставен на возачот, чиста ергономија и квалитетна изработка. Централната конзола е благо насочена кон возачот, а контролите се логично распоредени. Седиштата во тестираниот примерок се од листатата на дополнителна опрема, спортски профилирани и нудат одлична поддршка, препораката е неизбежна во случајов. Додека комбинацијата на користените материјали создава премиум амбиент. Управувачот  со рамно дно и интегрирани контроли за режимите на возење додава дополнителен спортски карактер.

Тест Cupra Terramar 2.0 TSI 4WD DSG 204 HP Динамика со рационална основаМатеријалите во кабината се на високо ниво, меките површини и прецизните споеви ги нагласуваат гласните амбиции на моделот, особено со неизбежните „бакарни“ акценти стратешки распоредени низ кабината. Просторот на предиот дел е одличен, додека соодветното меѓоскино растојание е задолжено задната клупа да обезбеди доволно место за три возрасни патници. Багажниот простор со капацитет од 540 литри е правилно обликуван и практичен, што од друга страна го прави Terramar целосно употреблив за семејни патувања и секојдневни обврски.

Во делот на дигитализацијата ќе издвоиме дека пред возачот се наоѓа целосно дигитален инструмент панел од10,25 инчи со повеќе режими на приказ, вклучително и нагласена спортска конфигурација. Централниот инфозабавен систем користи екран со дијагонала од 12,9 инчи, преку кој се командува со сите функции, вклучувајќи ја и климатизацијата во возилото, добриот дел во приказната е неговиот брз одзив и интуитивен интерфејс. Поддржано е безжично поврзување со системите на паметните телефони, а тука е и гласовна контрола која функционира доста добро.

Тест Cupra Terramar 2.0 TSI 4WD DSG 204 HP Динамика со рационална основа

Контролирана динамика

Под предниот поколoпец кај тестираниот примерок работи 2.0 литарски турбобензински агрегат со четири цилиндри, кој развива 204 КС и испорачува 320 Nm вртежен момент. Моторот е дел од технолошката платформа на Volkswagen групацијата со кодна ознака ЕА888 чии варијации може да се најдат и кај високоперформансни изведби од типот VW Golf GTI/R, Audi TT или Porsche Macan, во случајов работната единица поседува специфично подесување за карактерот на Terramar. Преносот е доверен на 7 степен DSG автоматски менувач со двојна спојка. Менувачот функционира брзо и мазно, а во спортски режим реагира одлучно и се задржува на повисоки вртежи.

Тест Cupra Terramar 2.0 TSI 4WD DSG 204 HP Динамика со рационална основа

Погонот 4WD користи електронски контролирана спојка за распределба на вртежниот момент меѓу предната и задната оска. Во нормални услови доминира предниот погон, додека при пролизгување системот веднаш пренесува сила кон задните тркала. Со оваа конфигурација Terramar забрзува од 0 до 100 км/ч за 7,1 секунди, додека максималната брзина изнесува 225 км/ч. Овие бројки го позиционираат моделот во динамичниот дел од сегментот, без да го претвораат во екстремен спортски автомобил. Испораката на силата е линеарна, а моторот работи тивко при умерено темпо, подинамичен карактер во повисоки вртежи. Во Comfort режим, Terramar нуди висок степен на апсорпција на нерамнините и тивка кабина. Во Sport режим реакциите стануваат поостри, управувањето добива поголема тежина, а менувачот реагира подинамично. Individual режимот овозможува прилагодување на параметрите според личниот стил на возачот.

Тест Cupra Terramar 2.0 TSI 4WD DSG 204 HP Динамика со рационална основа

Во свиоци, каросеријата покажува минимално навалување, а конфигурацијата со погон на сите тркала обезбедува сигурно држење на патот, особено при остри излегување од свиок под појак притисок на педалот за гас. Фабричките податоци наведуваат комбинирана потрошувачка од 7,4 до7,8 л/100 км. Во реални услови, при умерено возење, вредностите се движат во зоната од 8,5–9 литри, додека при поагресивно темпо очекувано растат. Со оглед на моќноста и погонот на сите тркала, економичноста е во рамките на очекуваното за овој сегмент.

Брендот Cupra преку моделот Terramar во оваа конфигурација создаде зрел и технички добро калибриран СУВ кој успешно ја комбинира спортската ДНК која е и основата на марката со практичната функционалност. Ова е возило со модерен дизајн, квалитетна кабина, голем багажен простор, напредна дигитална архитектура и сигурни перформанси. Terramar не се обидува да биде екстремен спортски модел, ниту пак класичен семеен SUV, туку прецизно ја погодува рамнотежата меѓу тие два света за да обезбеди реална секојдневна употребливост.

Цена на тестираниот модел: 44.500 евра

Технички податоци за Cupra Terramar 2.0 TSI 4WD DSG 204 HP

Мотор Euro VI, бензински, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.984 см3
пречник и од 82,50 x 92,80 мм
степен на компресија 12,2:1
Напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа директно и индиректно вбризгување на горивото
максимална моќ 204 KС (150 kW) при 4.500-6.000 min/-1
макс. вртежен момент 320 Нм при 1.500-4.400 min-1
Трансмисија на сите четири тркала преку 7 степен (DSG) автоматски менувач
Потпирање напред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери
Сопирачки напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
Пневматици 255/45 R19 (напред) 255/45 R19 (позади)
Каросерија СУВ со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.519 x 1.869 x 1.586 мм
меѓуоскино растојание 2.680 мм
траги (напред/назад ) 1.585./1.559 мм
Тежина 1.665 кг
максимална тежина 2.280 кг
Багажник 540 литри
Резервоар 60 литри
максимална брзина 225 км/ч
забрзување 0-100 км/ч 7.1 секунди
просечна потрошувачка 7,4 – 7,8 л/100 км
емисија на CO2 171-182 г/км

Cupra  Terramar во Македонија

Cupra  Terramar 1.5 eTSI DSG 150 39.722 евра
Cupra Formentor 2.0 TSI DSG 204 4×4 41.268 евра
Cupra Formentor VZ 2.0 TSI DSG 265 4×4 45.557 евра

Повеќе информации во Porsche Македонија на тел. (02) 26 03 771 или на www.cupraofficial.mk

Конкуренти:

Audi Q3 oд — . — до — . — евра
BMW X1 oд 47.910 до 66.950 евра
Nissan Qashqai Oд 29.890 до 58.900 евра
Volkswagen Tiguan Oд 44.722  до 60.569 евра

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button