Škoda започнува нова електрична офанзива со целосно новиот Epiq

Škoda го претстави новиот Epiq - компактен електричен SUV со досег до 440 километри, модерен дизајн и просторен ентериер

Škoda официјално го претстави новиот Epiq, компактен електричен кросовер кој треба да стане најдостапниот EV модел во гамата на чешкиот бренд. Новитетот е дел од големата офанзива на Volkswagen Group во сегментот на достапни електрични автомобили, а својата премиера ја следи по моделите Volkswagen ID. Polo и Cupra Raval.

Иако не е директен наследник на Citigo-e iV, првиот електричен автомобил на Škoda, новиот Epiq ја има токму таа улога, да понуди практичен, модерен и релативно достапен електричен автомобил за поширок круг купувачи. Во одредени европски пазари, цената на Epiq ќе биде блиска до онаа на бензинскиот Kamiq.

Skoda Epiq

Нов „Modern Solid“ дизајн со препознатлив изглед

Epiq е првиот сериски модел на Škoda кој целосно го користи новиот дизајнерски јазик наречен „Modern Solid“. Предниот и задниот дел добиваат нови T-образни светлосни групи, а целокупниот изглед е минималистички, чист и модерен.

Со должина од 4.171 милиметри, ширина од 1.798 mm и висина од 1.581 mm, Epiq се позиционира во компактниот SUV сегмент. Благодарение на електричната MEB+ платформа, меѓуоскиното растојание изнесува 2.601 mm, што овозможува значително повеќе простор во кабината.

Skoda Epiq

Интересно е што Škoda не се приклучи на трендот со скриени рачки на вратите, туку остана верна на класичниот пристап. Сепак, Epiq има солидна аеродинамика со коефициент на отпор од 0.275, благодарение на активните отвори за воздух и специјално дизајнираните 17 до 19-инчни тркала.

Кабина со многу простор и практичност

Ентериерот комбинира модерна технологија со делумно задржување на физички контроли. Пред возачот се наоѓа 5,3-инчен дигитален инструмент панел, додека централниот дел е резервиран за 13-инчен инфозабавен екран.

Повисоките нивоа на опрема носат амбиентално осветлување, помеки материјали на арматурата и вратите, како и поквалитетен тапацир. Иако дел од контролите се префрлени на екранот, Škoda сепак задржа одредени физички копчиња за полесно користење.

Она што особено импресионира е практичноста. Багажникот нуди 475 литри простор, што е дури 75 литри повеќе од бензинскиот Kamiq. Со спуштени задни седишта, капацитетот расте на 1.344 литри. Дополнително, низ кабината има уште 26 литри простор за складирање, а напред е сместен и мал „frunk“ за каблите за полнење.

Три верзии на електромотор и досег до 440 километри

Новиот Škoda Epiq е поставен на MEB+ платформата која е развиена специјално за електрични модели со погон на предните тркала.

Купувачите ќе можат да избираат меѓу три верзии на електромотор – базичната со 114 КС и 267 Nm, нешто помоќната која располага со 133 КС и 267 Nm, а на врвот на понудата се наоѓа најмоќната верзија со 208 КС и 290 Nm. Најмоќната верзија забрзува од 0 до 100 км/ч за 7,1 секунди и достигнува максимални 160 км/ч.

Skoda Epiq

Основните модели користат 37 kWh LFP батерија, додека најсилната верзија добива поголема 51,7 kWh NMC батерија со повисока енергетска густина. Со помалата батерија, Epiq може да помине до 310 километри со едно полнење, додека поголемиот пакет овозможува автономија до 440 километри според WLTP стандардот.

Брзо полнење и сериозна конкуренција за кинеските EV модели

Поголемата батерија поддржува DC брзо полнење до 125 kW, што овозможува полнење од 10 до 80 проценти за околу 24 минути. Основната верзија поддржува полнење до 90 kW и истата операција ја завршува за 28 минути.

Skoda Epiq

Со Epiq, Volkswagen Group јасно покажува дека сериозно влегува во битката за достапни електрични автомобили. Новиот модел треба директно да им конкурира на сè поагресивните кинески EV брендови кои последниве години освојуваат сè поголем дел од европскиот пазар.

Škoda веќе најави дека ова е само почеток. Подоцна годинава ќе биде претставен и новиот Peaq, најголемиот електричен SUV на брендот со три реда седишта.

Поврзани вести

Back to top button