Продажбата на нови возила во Македонија продолжува да расте

Пазарот на нови возила во Македонија продолжува да покажува позитивни резултати и покрај предизвиците со кои се соочува автомобилската индустрија на глобално ниво. Според достапните податоци, во текот на 2025 година во земјава биле продадени речиси 6.400 нови патнички автомобили, додека заедно со лесните товарни возила бројката достигнува околу 7.500 нови возила испорачани директно од продажните салони. Ова претставува раст од 1.7% во однос на минатата година.
Истовремено, македонскиот пазар забележува и значителна продажба на нови мотоцикли, со вкупно 5.984 продадени единици во текот на годината, што дополнително укажува на зголемен интерес за нови превозни средства.
Двоцифрен раст на пазарот на нови автомобили
Трендот на раст продолжува и во 2026 година. Според податоците на Царинската управа, во првиот квартал од годинава во Македонија биле увезени 3.067 патнички автомобили, но тука влегуваат и половните возила кои се увезуваат од странство.
Иако продажбата на нови автомобили бележи стабилен напредок, користените возила и натаму остануваат доминантен избор за најголем дел од македонските купувачи. Во првите три месеци од 2026 година биле увезени повеќе од 12.800 користени автомобили, што значи дека на секој нов автомобил доаѓаат неколкукратно повеќе увезени половни возила.

Кои брендови се најпопуларни кај македонските купувачи?
Последните години неколку автомобилски марки константно се наоѓаат во самиот врв според интересот на купувачите. Меѓу најбараните брендови на македонскиот пазар се Škoda, Toyota, Volkswagen и Citroën, кои бележат силно присуство како кај физичките лица, така и кај корпоративните купувачи.
Особено се издвојуваат модели како Škoda Kamiq со раст од 21% и е најпродаван модел, пред Škoda Octavia (+8,1%) и Toyota Corolla (+27,6%), како и Hyundai Tucson и Kia Sportage меѓу SUV моделите. Топ 5 листата ја затвораат Citroen C3 и Renault Clio, како претставници на компактната класа. Во Топ 10 влегува и Peugeot 408, кој е и најпродаван модел за декември, а сето тоа благодарение на новите 120 возила од овој модел кои ги набави МВР за полицијата.
Кинеските брендови полека освојуваат простор
Покрај традиционалните европски, јапонски и корејски производители, на македонскиот пазар сè почесто можат да се забележат и кинески автомобилски брендови, кои често се застапени кај етаблираните импортери во земјава, гарантирајќи и одлична пост-продажна покриеност, што во комбинација со конкурентните цени, богатата сериска опрема и електричните технологии, овие производители постепено привлекуваат внимание и кај домашните купувачи. Доказ за тоа е и влезот на MG ZS во Топ 10 најпродавани модели за 2025.
Возниот парк и понатаму останува стар
И покрај растот на продажбата на нови автомобили, Македонија и понатаму се соочува со стар возен парк. Просечната старост на регистрираните возила останува висока, што е директна последица на големиот увоз на користени автомобили.
Сепак, континуираниот раст на продажбата на нови возила, зголемената понуда на хибридни модели и појавата на нови брендови на пазарот се позитивни сигнали дека автомобилскиот сектор во Македонија постепено се модернизира и се движи во чекор со европските трендови.



