Тест Geely Starray EM-i МАХ: Кога ефикасноста се сретнува со удобноста

Понекогаш е потребно само неколку километри за да сфатите каков карактер има еден автомобил. Во случајот на Geely Starray EM-i, првиот впечаток е дека станува збор за модел кој не се обидува да биде најгласен во друштвото, туку најразумен. Со модерен изглед, пространа кабина и хибридна технологија насочена кон секојдневната практичност и реалните потреби.

Пред неколку години, ако некој ви кажеше дека ќе возите кинески СУВ и дека ќе ви се допадне, веројатно ќе се насмевнете со учтива недоверба. Денес, зад воланот на Starray EM-i, таа насмевка добива сосема поинакво значење. Не затоа што очекувањата биле ниски, туку затоа што реалноста е изненадувачки различна. Со 262 КС комбиниранa моќ, осумдесетина километри чист електричен дострел и внатрешност која ве тера да го проверите ценовниот два пати, овој приклучен хибриден СУВ бара да биде оценет по покажаните резултати, а не по неговото потекло.

Тест Geely Starray EM-i MAX

Форма со конкретна намера

Компанијата Geely со контурите на Starray EM-i се обидува да претстави надворешност која не бара долго запознавање. Веднаш по првиот поглед јасно е дека станува збор за автомобил што е дизајниран со конкретна намера, а тоа значи дека не само што треба да изгледа модерно денес, туку силутета треба да го издржи тестот на времето. Изграден на SEA платформата, Starray носи меки, заоблени пропорции од дизајнерската школа која не кореспондира со она што кинеските автомобили значеа пред само десетина години.

Предниот дел го дефинираат тенки, хоризонтални ЛЕД светлосни групи со прецизно нацртан светлосен потпис. Заедно со ниската и чиста маска, тие го претставуваат лицето на возило кое точно знае што сака да биде. Нема непотребни хромирани украси, нема агресивно вентилациски отвори кои кај многу од  конкурентите служат само за естетски ефект. Се е на своето место и секој детал постои со причина. Профилот е местото каде дизајнот навистина зборува. Покривната линија течно се спушта кон задниот дел, создавајќи силуета која е динамична без да биде неприроден. Рамената на возилото се добро дефинирани, а долгото мегуоскино растојание создава пропорции кои одат над неговата класа. Изгледот на 18 инчните аероднинамични алуминиумски тркала се тука на возилото да му обезбедат цврстина и сигурност на градскиот асфалт, но и на отворениот пат. Задниот дел ја затвора сликата со достоинство. Тенките задни светла поврзани со хоризонтална светлосна шина создаваат чист и читлив завршок, без претерување и надменост.

Премиум простор

Со отворање на вратата се отвораат и аргументите кои продолжуваат во внатрешноста. Марката Geely очигледно добро ја разбира разликата помеѓу возило кое поседува технологија и она кое живее со неа и тоа го манифестира во секој дел од кабината, без исклучок. Средината е организирана околу 15,4 инчен централен екран кој е придружуван од 10,2 инчен дигитален инструментален кластер. Нивната интеграција во преднит дел изгледа природна и ненаметлива и покрај големите габарити. Физичките копчиња за климата се присутни и секогаш добредојдени, одлука која многу производители погрешно ја интерпретираа и напуштија во трката по минимализам.

Во тестираната МАХ варијантата вграден е и 13,4 инчен “Head up display’ проектиран директно на ветробранското стакло, па така брзината, навигацијата и состојбата на хибридниот систем се постојано во видното поле. Она што секако радува е квалитетот на материјалите, кој е конзистентно над просекот за сегментот. Меките облоги ги покриваат горниот дел од предната арматура и вратите, како места со кои рацете и очите доаѓаат прво во контакт. Темпираните акценти и прецизните шавови создаваат балансиран ентериер кој не е ни претерано минималистички, ни преоптоварен со детали. Во случајов завршната обработка може да им послужи за пример на некои од европските конкуренти. Просторноста на кабината е уште едно силно поглавје. Задните седишта нудат повеќе од колку што му е потребно на возрасен патник кој притоа не е расположен за компромис, а багажникот со 528 литри расте на импресивни 2.065 литри со спуштени задни наслони. Кај тестираната варијантата предните седишта покрај вообичаената удобност се загревани и вентилирани, а има и меморија за позицијата на возачот. Аудио системот „Flyme Sound“ со 16 звучници од кои 2 се во наслонот за глава на возачкото седиште го затвора аргументот за кабината на начин кој тешко може да се оспори.

Тест Geely Starray EM-i MAX

Оди далеку, троши малку и не уморува

Компанијата Geely своето решение за моторизација го нарекува Super Hybrid, наспроти вообичаениот маркетиншки скептицизам, ознаката овде е оправдана. Погонот на Starray EM-i не е едноставен збир на бензински мотор и електромотор. Тоа е смислена хибридна архитектура во која секој агрегат точно ја знае својата улога и ја извршува со прецизност. Бензинскиот мотор е атмосферски четирицилиндарец со зафатнина од 1.5 литри што произведува моќ од 99 коњски сили и максимален момент од 125 Нм. Неговата примарна функција не е да ги задвижува тркалата, тој е тука за полнење на батеријата и за обезбедување автономија кога електричниот капацитет ќе се намали.

Примарниот двигател е електромоторот, кој развива 160 kW, односно 217 коњски сили и произведува максимален вртежен момент од 262 Нм кој е достапен веднаш и целосно, без пауза од 0 врт/мин. Комбинираната системска моќ на двата агрегати достигнува 262 коњски сили, но е на располагање само во моменти кога тоа е навистина потребно. Погонот е на предните тркала и се одвива со карактеристична електрична непосредност, бидејќи возилото повеќето време функционира како ЕВ од колку како хибрид. Резултатот е забрзување до 100 км/ч за 8,0 секунди и оди до максималните и ограничени 170 км/ч. Осумте секунди на хартија не звучат спортски, но во возење низ скопските улици и на отворен пат кон Маврово, непосредноста на електричниот момент го прави секое претекнување посигурно и побрзо од колку што бројката би сугерирала, тоа е суштинската разлика помеѓу перформансите на хартија и возачкото искуство во живо.

Тест Geely Starray EM-i MAX

Батеријата користи литиум, железо, фосфатна хемија чиј капацитет изнесува 18,4 kWh, а производителот декларира чист електричен дострел од 83 км, доволно за мнозинство возачи на урбани дневни рути. Нејзиното полнење може да се одвива преку 6,6 kW полнач, за што се потребни 3 часа или преку брз 30 kW полнач кој овозможува батеријата да се наполни за помалку од половина час. Во комбинација со резервоар од 51 литар, вкупниот деклариран опсег на движење е скоро па 950 км, ветување кое ги брише грижите и за најдолгите патувања, не само низ Македонија туку и многу подалеку. Фабриката декларира потрошувачка од 2,4 литири, што ние не бевме во можност да го потврдиме. Затоа, забележивме дека во услови кога батеријата е целосно потрошена треба да се очекува потрошувачката од 5,5 л/100 км. што секако е сериозно добар резултат.

Суспензијата е поставена со јасна филозофија, удобност пред се, а тој пристап на македонските патишта се покажува како вистински избор. На рамен коловоз возилото лебди со полна самодоверба. Ситните пукнатини и споеви на коловозот едноставно исчезнуваат некаде помеѓу тркалото и седиштето, а на покрупните нерамнини работи постепено и без изненадувања, апсорбира и продолжува без драма и без непријатен оглас во кабината. Кога трасата е исполента со свиоци, сликата станува понијансирана. Каросеријата на возилото се навалува, ништо алармантно, ниту непријатно, но доволно за да ви кажи дека ова не е спортски СУВ и никогаш не претендирал да биде. Тоа е чесна, директна комуникација, Starray EM-i не се ни обедува да се преправа. Едноставно бара умереност, а кога ја добива, се движи компетентно и предвидливо, без никаков знак на нестабилност.

На крајот, учтивата недоверба со која многумина тргнуваат на почетокот останува далеку позади и се губи некаде по патот. Моделот Starray EM-i не е автомобил кој се обидува да биде нешто друго. Тој е токму она за кое тврди дека е, паметен, ефикасен и просторен семеен СУВ кој го потврдува секој аргумент со кој настапи на почетокот. Бројките го кажуваат тоа, а патот го докажува.

Тест Geely Starray EM-i MAX

Цена на тест моделот 33.990 евра

Технички податоци за Geely Starray EM-i МАХ

 

   
мотор Euro 6E, бензин, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 1.499 см3
пречник и од –,- x –,- мм
степен на компресија –,- : –
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, турбонапунето директно вбризгување на горивото

 

максимална моќ на мотор со внатрешно согорување 99 КС (73 kW)
макс. вртежен момент на мотор со внатрешно согорување 125 Nm при -.— – -.— врт/мин
макс. моќ на електромотор 217 КС (160 kW)
макс. вртежен момент на електромотор 262 Nm
макс. системска моќ 262 КС (193 kW)
макс. системски вртежен момент — Nm при -.— – -.— врт/мин
капацитет на батеријата 18,4 kWh, литиум-железо-фосфат
трансмисија погон на предните тркала преку 1DHT автоматски менувач

 

потпирање напред: MacPherson, стабилизатор; назад: мулти-линк, спирални пружини, телескопски амортизери

 

сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ESP
пневматици 225/55 R18 (напред) / 225/55 R18 (назад)
каросерија СУВ со пет врати, 5 седишта
должина x ширина x висина 4.740 x 1.905 x 1.685 мм
меѓуосовинско растојание 2.755 мм
траги (напред / назад) 1.625 / 1.635 мм
тежина 1.770 кг
максимална тежина -.— кг
багажник 528 л / 2.065 л
резервоар 51 литри
максимална брзина 170 км/ч
забрзување 0–100 км/ч 8,1 секунди
просечна потрошувачка 2,4 – 6,2 л/100 км
емисија на CO₂ 54 г/км

 

Geely Starray EM-i во Македонија

Starray EM-i PRO 31.990 евра
Starray EM-i MAX 33.990 евра

Повеќе информации во Делфино рент а кар на www.geely-see.com или на тел. 076 339 014

Конкуренти:

Renault Espace од — . — дo — . — евра
Mazda CX-80 од — . — до — . — евра
Skoda Kodiaq од 43.560 до 51.290 евра
Volkswagen Tyron од 49.145 до 66.434 евра
Kia Sorento од 64.950 до — . — евра

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button