Прва победа за шампионот – Ландо Норис најбрз на Хунгароринг
Ландо Норис победи на Големата награда на Унгарија во Formula 1, Верстапен заврши втор, а Антонели стигна до подиум и покрај казната

Актуелниот светски шампион Ландо Норис триумфираше на Големата награда на Унгарија, 11. трка од сезоната во Formula 1, и ја забележа својата прва победа откако ја освои шампионската титула. Возачот на McLaren ја претвори пол-позицијата во победа, славејќи по одлична стратешка битка на Хунгароринг и стигнувајќи до 12. триумф во кариерата.
Второто место му припадна на Макс Верстапен со Red Bull, додека трет на целта заврши Андреа Кими Антонели од Mercedes, кој имаше импресивно враќање откако поради казна стартуваше дури од седмата позиција.
Казните го променија стартниот поредок
Во пресрет на трката, стјуардите донесоа важни одлуки кои значително го изменија стартниот грид. Луис Хамилтон и Андреа Кими Антонели беа казнети со поместување за три позиции наназад по квалификациите.
Хамилтон беше санкциониран бидејќи во својот бавен круг ненамерно го попречи Оскар Пјастри, кој се наоѓаше во последниот брз круг. Британецот не се тргна од идеалната линија, поради што возачот на McLaren беше принуден да го прекине обидот за подобро време. По истрагата, стјуардите му изрекоа казна од три позиции, па наместо од второто место, стартуваше како петти.
Тоа значеше дека неговиот тимски колега Шарл Леклер се искачи на втората стартна позиција, додека Пјастри и Верстапен добија по едно место напред.
Истовремено, лидерот во генералниот пласман Андреа Кими Антонели беше казнет затоа што не намалил доволно брзина при жолти знамиња, кои беа истакнати откако Макс Верстапен се изврте во последниот свиок за време на квалификациите. Анализата на стјуардите покажала дека Италијанецот не само што не забавил доволно, туку низ тој сектор поминал побрзо отколку во претходниот обид. Наместо од четвртата позиција, Антонели тргна од седмото место.
Норис ја искористи пол-позицијата
И покрај тоа што тргна од пол-позицијата, Норис не успеа долго да го задржи водството. По мала грешка во вториот свиок, неговиот тимски колега Оскар Пјастри ја искористи шансата и го презеде првото место. Австралиецот претходно без проблем го мина Леклер, кој по слабиот старт падна зад Верстапен и Хамилтон.
Најголемите проблеми на стартот ги имаше Џорџ Расел. Кај неговиот болид се активираше системот „anti-stall“, кој спречува гасење на моторот при ниски вртежи, поради што Британецот загуби голем број позиции и се најде речиси на самиот крај од колоната.

Стратегијата ја донесе победата
Во првиот дел од трката се водеше интересна битка меѓу Верстапен и Хамилтон. Иако се очекуваше Хамилтон на меките гуми постепено да го губи темпото, Верстапен преку радио пријавуваше проблеми со менувачот и гумите, што му ја отежнуваше борбата.
Хамилтон прв од водечките возачи замина во бокс по тврди гуми, а Верстапен реагираше круг подоцна. По враќањето на патеката, Холанѓанецот со одличен напад во првиот свиок успеа повторно да ја преземе позицијата.
Во меѓувреме, и двајцата возачи на McLaren ги одработија своите први пит-стопови, без промени во меѓусебниот редослед, додека во водство накратко се најде Антонели, кој подоцна го направи своето прво запирање.
Контактот со Саинц ја реши битката за победата
Клучниот момент се случи по вторите промени на гумите. Пјастри се врати на патеката со неколку секунди предност, но наскоро го стигна Карлос Саинц, кого требаше да го претекне за цел круг. Возачот на Williams не се тргна веднаш и покрај сините знамиња, а при претекнувањето дојде и до мал контакт.
Пјастри изгуби драгоцено време, што Норис максимално го искористи. По својата промена на гумите, актуелниот шампион го престигна тимскиот колега, а потоа без поголеми проблеми го мина и Антонели за повторно да го преземе водството.
Дополнителен удар за Пјастри следуваше во 57. круг, кога поради дефект на менувачот беше принуден да го паркира болидот покрај патеката и да се откаже.
Антонели до подиум, Хамилтон остана без четвртото место
Периодот на виртуелно безбедносно возило донесе нови тактички пресметки. Дел од возачите заминаа во бокс, но не и Верстапен и Антонели, кои останаа на патеката и ја зачуваа својата позиција.
Во завршницата Антонели успешно ги одби нападите на Хамилтон и ја задржа третата позиција, комплетирајќи извонредно враќање по стартот од седмото место.
Хамилтон, пак, по минувањето низ целта доби дополнителна казна од пет секунди поради пречекорување на дозволената брзина во пит-лејнот. Поради тоа падна од четвртото на петтото место, а Шарл Леклер го наследи четвртото место.
Шестото место му припадна на Исак Хаџар, Џорџ Расел по лошиот старт успеа да се пробие до седмата позиција, а во првите десет завршија уште Лијам Лосон, Нико Хулкенберг и Арвид Линдблад.
Покрај Пјастри, трката поради технички проблеми не ја завршија ниту двајцата возачи на Кадилак, Валтери Ботас и Серхио Перез.
Пласман по Големата награда на Унгарија
Со победата, Ландо Норис ја запиша првата победа како актуелен светски шампион и ја потврди одличната форма на McLaren. Во генералниот пласман, Андреа Кими Антонели останува лидер со 219 бодови, со предност од 50 поени пред Луис Хамилтон, додека Џорџ Расел заостанува дополнителни девет бода.
По трката во Унгарија, шампионатот во Formula 1 заминува на традиционалната летна пауза, а сезоната продолжува од 21 до 23 август со Големата награда на Холандија на патеката Зандворт.



