VW планира да го укине Seat и целосно да се фокусира на Cupra

Групацијата Volkswagen планира да го укине Seat како бренд во своето портфолио до 2029 година и целосно да се фокусира на Cupra

Volkswagen би можел да стави крај на една од најпознатите шпански автомобилски марки. Според информации од германските медиуми, концернот планира постепено да го згасне брендот Seat до крајот на 2029 година, додека сите ресурси ќе бидат насочени кон сè попопуларната Cupra.

Доколку планот биде реализиран, ќе заврши 76-годишната историја на Seat, бренд основан во 1950 година, кој од осумдесеттите години е дел од Volkswagen Group.

Доверлив документ открива големи промени

Според германскиот магазин WirtschaftsWoche, кој тврди дека имал увид во доверлив документ подготвен за состанокот на Надзорниот одбор на Volkswagen одржан на 3 и 4 септември, Seat веќе не е дел од долгорочната стратешка визија на концернот.

Во документот се наведува дека брендот ќе биде „постепено и економично укинат најдоцна до крајот на 2029 година“, при што ќе продолжи поддршката за постојните сопственици преку сервисната мрежа и исполнување на сите договорни обврски.

Истовремено, производите, производствените капацитети и продажната инфраструктура на Seat постепено ќе бидат интегрирани во Cupra, бидејќи, според Volkswagen, продолжувањето на Seat во сегашната форма би барало дополнителни ресурси.

Cupra расте, Seat бележи пад

Ваквиот потег не доаѓа како големо изненадување. Cupra започна како спортска ознака на Seat, а од 2018 година функционира како самостоен бренд и во последните години бележи значително подобри резултати.

Во текот на 2025 година, Seat и Cupra заедно испорачаа рекордни 586.300 автомобили, но додека продажбата на Cupra порасна за 33 проценти, Seat забележа пад од 17 проценти.

Според извештајот, Volkswagen има амбиција Cupra самостојно да достигне годишна продажба од 500.000 до 600.000 возила, што дополнително ја објаснува намерата ресурсите да се концентрираат околу овој бренд.

Дел од големата реорганизација на Volkswagen

Можното згаснување на Seat е дел од поширокиот план за преструктурирање на Volkswagen Group.

Германскиот производител веќе најави сериозни мерки за намалување на трошоците, кои вклучуваат затворање на до четири фабрики во Германија, намалување на производствениот капацитет од 12 на 9 милиони возила годишно, како и потенцијално кратење на до 100.000 работни места.

Причините се слабеењето на продажбата во Кина, зголемената конкуренција, царините и потребата за побрза транзиција кон електрични возила.

Seat засега без официјална потврда

Интересно е што само пред неколку месеци Seat ги претстави освежените Ibiza и Arona, што тогаш беше протолкувано како знак дека брендот има иднина.

Сепак, појавените информации сега укажуваат на сосема поинаква насока.

Од Seat засега не ги потврдуваат, но ниту ги демантираат овие информации. Во официјалната изјава се наведува дека целата автомобилска индустрија, вклучувајќи го и Volkswagen Group, поминува низ длабока трансформација поврзана со електрификацијата и дека во моментов се работи на план за подобрување на конкурентноста и ефикасноста на групацијата.

Компанијата додава дека сè уште не е донесена конечна одлука, а јавноста ќе биде информирана доколку се усвојат стратешки промени што ќе влијаат врз Seat.

Доколку информациите од доверливиот документ се покажат како точни, брендот Seat веќе го започнал своето последно поглавје, додека Cupra ќе стане единствениот шпански автомобилски бренд во рамките на Volkswagen Group.

Поврзани вести

Back to top button