Porsche 911 GT3 Bergsport: Ексклузивна серија од само 100 примероци

Новиот Porsche 911 GT3 Bergsport е еклклузивен модел кој пристигнува во ограничена серија од само 100 примероци

Porsche ја претстави новата специјална верзија 911 GT3 Bergsport, модел создаден за возачите кои уживаат во алпските планински патишта, свиоци и искачувања. Станува збор за лимитирана серија од само 100 примероци, развиена од одделот Porsche Exclusiv Manufaktur, а достапна ќе биде исклучиво на четири европски пазари – Австрија, Франција, Италија и Швајцарија.

Новиот модел е базиран на 911 GT3 Touring, но добива низа уникатни елементи инспирирани од алпската природа и богатата историја на германскиот производител.

Porsche 911 GT3 Bergsport

Специјална боја и детали инспирирани од Алпите

Највпечатливата карактеристика на GT3 Bergsport е новата Valleygreenmetallic боја, развиена специјално за ова издание преку програмата Paint to Sample Plus. Темнозелената нијанса содржи златни металик честички кои треба да го доловат изгледот на алпските пејзажи и сончевата светлина што се рефлектира од снежните врвови.

Иако стандардно е опремен со Lightweight Package, Porsche наместо магнезиумски користи ковани алуминиумски тркала, кои се поотпорни за возење по нерамни планински патишта. Тркалата комбинираат White Gold и Ceramica финиш, додека зад нив се наоѓаат портокалови сопирачки клешти инспирирани од природниот феномен „alpenglow“ – црвенкастата светлина што ги обојува планинските врвови при изгрејсонце и зајдисонце.

Porsche 911 GT3 Bergsport

Атмосферски боксер мотор и мануелен менувач

Под хаубата нема промени во однос на стандардниот GT3 Touring. Porsche останува верен на 4,0-литарскиот атмосферски шестцилиндричен боксер мотор, кој развива 510 КС (502 hp) и е комбиниран со мануелен менувач, што дополнително го нагласува возачкото искуство.

GT3 Bergsport добива затемнети HD-Matrix LED светла, специјална графика инспирирана од легендарниот 908 Bergspyder на предниот поклопец, како и ексклузивни амблеми. На капакот над моторот е поставен симбол со четири алпски врва, кои ги претставуваат четирите земји во кои ќе се продава автомобилот.

За подолги возења низ планинските предели, моделот е опремен со резервоар од 90 литри, систем за подигнување на предната оска и преклопни карбонски спортски седишта обложени со специјална Valleygreen кожа. За разлика од некои поекстремни GT3 изведби, оваа верзија ги задржува и задните седишта, што ја прави попрактична за секојдневно користење.

Уникатен ентериер со алпски мотиви

Во кабината доминираат портокалови акценти на шевовите, стартното копче, педалата за гас, управувачот и рачката на менувачот. Вратите и арматурната табла се украсени со декоративни шевови во црна и бела боја кои формираат стилизирани планински врвови.

Porsche не застанува тука – дури и клучот, футролата за него и торбичката за документацијата добиваат специјален Bergsport дизајн.

Porsche 911 GT3 Bergsport

Премиера на легендарната трка Arosa ClassicCar

Новото специјално издание ќе дебитира пред јавноста на 3 септември за време на планинската трка Arosa ClassicCar во Швајцарија. Амбасадорот на Porsche, Јерг Бергмајстер, ќе го вози GT3 Bergsport по патеката долга 7,3 километри со вкупно 76 свиоци.

Покрај автомобилот, Porsche подготви и колекција на тематски производи, меѓу кои минијатурен модел, облека, шолји и дури скии во истиот стил.

Porsche 911 GT3 Bergsport

Само за четири европски пазари

Производителот не ја откри официјалната цена на специјалното издание, но е јасно дека ексклузивните детали значително ќе ја надминат цената на стандардниот 911 GT3 Touring, кој во Европа започнува од 211.200 евра.

Со производство ограничено на само 100 примероци, Porsche 911 GT3 Bergsport е наменет за најпосветените колекционери и ентузијасти, а сите примероци ќе останат резервирани исклучиво за купувачи од Австрија, Франција, Италија и Швајцарија. За останатите пазари, вклучувајќи ги и САД, единствената можност останува индивидуална персонализација преку програмата Porsche Exclusiv Manufaktur.

Поврзани вести

Back to top button