Новите BMW X5 и BMW Серија 7 Седан премиерно претставени во Македонија

BMW ги претстави новите генерации на X5 и Серија 7 Седан пред македонската публика, носејќи два различни пристапи кон луксузот, технологијата и секојдневната употребливост. Двата модели имаат различен карактер, но ја следат истата насока на брендот – почист дизајн, поголема дигитализација и широка понуда на погонски решенија.
Новиот X5 ја продолжува приказната на моделот кој го постави темелот на BMW X семејството уште во 1999 година, додека Серија 7 останува предводник на понудата кога станува збор за комфор, технологија и персонализација.

BMW X5 влегува во петтата генерација
Новата, петта генерација на BMW X5 го задржува препознатливиот карактер на моделот, но добива поизразен и помонолитен изглед инспириран од новиот дизајнерски јазик Neue Klasse.
Со речиси пет метри должина, новиот X5 нуди повеќе простор, а визуелно се издвојува со BMW Iconic Glow маската и новите светлосни елементи во форма на двојно X. Во зависност од изведбата, достапни се тркала со димензии од 21 до 23 инчи.
Новитет се и BMW Winglet рачките на вратите, електричното отворање и Soft-Close функцијата за потивко и помеко затворање.
„Од прв поглед е јасно дека X5 не дошол само да продолжи една успешна приказна, туку да го напише следното поглавје. Новиот BMW X5 влегува во својата петта генерација со посамоуверен изглед, повеќе простор и ентериер кој ја комбинира елеганцијата со модерниот карактер на моделот“, изјави Борис Јаневски, сениор консултант за BMW автомобили во М Кар.

Нов дигитален концепт во кабината
Голем дел од промените се забележуваат и во ентериерот. Новиот X5 го добива BMW Panoramic Vision, 3D Head-Up Display и новиот BMW Panoramic iDrive, со што информациите и командите се поставени поблиску до природното видно поле на возачот.
Фокусот не е само на бројот на екрани, туку и на поедноставена интеракција со автомобилот и подобра интеграција на дигиталните функции во секојдневното користење.
Пет различни погонски концепти
Една од најважните новини кај новиот BMW X5 е разновидноста на погонската понуда.
Моделот стартува со mild-hybrid бензинска и mild-hybrid дизел верзија, а од јануари 2027 година ќе бидат додадени plug-in хибридните X5 50e и X5 M60e, како и целосно електричниот BMW iX5.
Со тоа X5 за првпат ќе биде понуден со пет различни типови погонски решенија, што треба да му овозможи на BMW да покрие значително поширок спектар на купувачи.

BMW Серија 7 Седан останува фокусирана на луксузот
За разлика од X5, каде акцентот е ставен на комбинацијата од простор, динамика и практичност, новата BMW Серија 7 Седан оди во поинаква насока.
Седмата генерација носи уште понагласен луксузен карактер, пошироки можности за персонализација и кабина создадена подеднакво за возачот и патниците на задните седишта.
Еден од највпечатливите елементи е BMW Theatre Screen со дијагонала од 31,3 инчи и 8K резолуција, кој овозможува задниот дел од кабината да се претвори во своевидно мобилно кино.
Истовремено, BMW Panoramic Vision и Panoramic iDrive внесуваат нова генерација дигитални функции и кај најлуксузниот седан на брендот.

Повеќе од 500 комбинации за персонализација
Кај Серија 7 голем акцент е ставен и на индивидуализацијата.
Купувачите ќе можат да избираат меѓу повеќе од 500 бои и комбинации за екстериерот, додека ентериерот нуди широк избор на материјали, декоративни елементи и различни конфигурации.
Целта е секој автомобил да може значително да се разликува според вкусот на сопственикот, без да се наруши препознатливиот карактер на Серија 7.

Бензински, дизел, plug-in хибридни и електрични верзии
И погонската понуда кај BMW Серија 7 Седан е разновидна.
Моделот на почетокот ќе биде достапен со една mild-hybrid бензинска и три целосно електрични изведби, додека од ноември гамата ќе биде дополнета со mild-hybrid дизел и plug-in хибридни варијанти.
Со ваквиот пристап BMW продолжува да нуди различни технологии паралелно, наместо да се потпира исклучиво на еден тип погон.
„Новите BMW X5 и BMW Серија 7 Седан покажуваат дека автомобилот може да биде многу повеќе од средство за движење – може да биде личен избор што ги одразува карактерот, потребите и индивидуалноста на својот сопственик“, изјави Билјана Колемишевска, одговорна за маркетинг комуникации и ПР во М Кар.
Со пристигнувањето на новите X5 и Серија 7 Седан во Македонија, BMW истовремено ги обновува двата важни столба во својата понуда. Едниот останува насочен кон практичноста, динамиката и широкиот избор на погонски системи, додека другиот продолжува да ја претставува најлуксузната и технолошки најнапредна страна на брендот.















