Peugeot E-T16 Concept e потсетник на легендарниот 205 T16

Peugeot го претстави новиот E-T16 Concept, спектакуларен електричен концепт кој му оддава почит на легендарниот 205 T16, еден од најпознатите рели автомобили од ерата на Group B. Францускиот производител не само што ја слави 40-годишнината од освојувањето на светските титули во 1985 и 1986 година, туку истовремено го најавува и идниот правец на своите спортски електрични модели.

Од Peugeot Sport го опишуваат E-T16 како почеток на новата генерација „Hyperhatch“ модели – компактни автомобили со перформанси кои до неодамна беа резервирани за суперавтомобилите.

816 коњски сили и забрзување како суперавтомобил

Концептот користи три електромотори – еден на предната и два на задната оска – кои заедно испорачуваат 816 КС (608 kW). Со тоа, E-T16 станува најмоќниот Peugeot создаден досега.

Благодарение на овој погон, забрзувањето од 0 до 100 km/h трае само 2,5 секунди, додека автомобилот достигнува 300 km/h за само 16 секунди.

Енергијата ја обезбедува батерија со капацитет од 85 kWh, која овозможува автономија до 400 километри според WLTP циклусот.

Напредна технологија за максимални перформанси

Освен огромната моќност, Peugeot вложил многу внимание и во динамиката на возење.

E-T16 располага со torque vectoring на двете оски, три однапред дефинирани режими на возење и четврти целосно прилагодлив режим. За сопирањето се задолжени дискови со дијаметар од 380 mm на сите четири тркала, додека гумите се широки 275 mm напред и 315 mm назад.

Концептот има и вертикално поставена хидраулична рачна сопирачка – решение инспирирано директно од рели автомобилите.

Peugeot развил и нов систем за ладење на батеријата, кој топлината ја извлекува преку страничните делови на ќелиите наместо преку нивната основа. Благодарение на тоа, автомобилот може да извозе три последователни круга на Нирбургринг без намалување на перформансите.

Дизајн инспириран од легендарниот 205 T16

Нема дилема дека изгледот е директна почит кон славниот рели автомобил.

Проширените крила, масивниот заден спојлер, агресивната каросерија, мат сивата боја, сребрените тркала и црвената светлосна линија што се протега околу автомобилот веднаш асоцираат на оригиналниот 205 T16.

Како и кај легендарниот претходник, целиот заден дел се отвора нагоре, но наместо бензински мотор, таму сега се наоѓа електричниот погон.

Дополнително, концептот добива активен заден дифузер со прилагодливи аеродинамични елементи, големи отвори за ладење напред и специфично обликуван C-столб кој го насочува протокот на воздух кон задниот дел.

Поглед кон идниот Peugeot E-208

Иако станува збор за концепт, Peugeot потврдува дека дел од неговите дизајнерски решенија ќе се најдат на следната генерација на E-208, која пристигнува во 2027 година.

Тоа вклучува нова интерпретација на препознатливиот светлосен потпис со трите „лавовски канџи“, како и дел од елементите во кабината.

Во ентериерот доминира 21-инчен закривен панорамски дисплеј, додека најголемо внимание привлекува новиот Hypersquare управувач.

Peugeot E-T16

Steer-by-wire технологија во сериско производство

Новиот управувач не е впечатлив само по формата. Тој користи steer-by-wire технологија, што значи дека нема механичка врска меѓу управувачот и предните тркала.

Peugeot веќе потврди дека и идниот сериски E-208 ќе ја користи истата технологија, како и новиот Hypersquare управувач.

Иако засега нема најави за сериска верзија на E-T16, францускиот производител јасно покажува во која насока ќе се развиваат неговите идни спортски електрични модели. Ако барем дел од технологијата, дизајнот и динамиката на овој концепт стигнат до производствените автомобили, љубителите на брендот ќе имаат многу причини за оптимизам.

Поврзани вести

Back to top button