Škoda го претстави својот прв целосен хибрид

Škoda ја претстави својата прва целосна хибридна Octavia која нуди до 170 КС, три режими на работа и можност за возење само на електрична енергија

Во сенка на случувањата околу и на Салонот за автомобили во Париз, Škoda со една премиера најави големи промени за својата постава. Чешката фирма и официјално влегува во нова ера на електрификацијата со претставувањето на својот прв целосен хибриден модел. По mild-hybrid и plug-in hybrid изведбите, чешкиот производител ја проширува понудата со новата Octavia Hybrid, која комбинира бензински мотор и два електромотори, а овозможува и кратко возење исклучиво на електрична енергија.

Новиот хибриден систем ќе биде достапен кај Octavia Hatchback и Octavia Combi (Estate), а првите испораки се очекуваат во декември.

Нов хибриден погон со три режими на работа

Основата на новата Octavia Hybrid е сериско-паралелен хибриден систем составен од 1,5-литарски TSI бензински мотор, два електромотори и автоматски менувач со една брзина.

Помалиот електромотор има улога на генератор и стартер на бензинскиот мотор, додека поголемиот ги придвижува предните тркала и ја рекуперира енергијата при сопирање.

Системот автоматски избира меѓу три режими на работа, во зависност од условите на возење. При ниски брзини автомобилот може да помине околу два километри исклучиво на електрична енергија.

До брзина од околу 60 km/h работи во сериски хибриден режим, при што бензинскиот мотор произведува електрична енергија за погонскиот електромотор. Над оваа брзина се активира паралелниот хибриден режим, каде бензинскиот мотор директно ги придвижува тркалата, додека електромоторот обезбедува дополнителна поддршка кога е потребно.

Две верзии со до 170 КС

Škoda ќе понуди две изведби на новиот хибриден погон. Основната верзија користи 1,5 TSI мотор со 131 КС, при што комбинираната системска моќност изнесува 136 КС. Помоќната варијанта располага со 1,5 TSI мотор со 150 КС, а вкупната системска моќност достигнува 170 КС. И покрај различната моќност, двете верзии ја користат истата батерија со капацитет од 1,6 kWh и идентични електромотори.

Производителот засега не објавува податоци за просечната потрошувачка на гориво, но потврдува дека максималната брзина кај двете верзии е електронски ограничена на 180 km/h.

Побогата сериска опрема

Новата Octavia Hybrid ќе биде достапна во пакетите Selection и Sportline, а покрај хибридниот погон ќе добие и побогата сериска опрема во однос на конвенционалните верзии.

Стандардно ќе се испорачува со 10-инчен дигитален инструмент кластер и 13-инчен инфозабавен екран, додека на задниот дел ќе биде поставена препознатливата ознака „Hybrid“.

Продажбата започнува наскоро

Нарачките за новата Škoda Octavia Hybrid започнуваат уште овој месец, а првите примероци ќе пристигнат кај купувачите во декември.

Цените засега не се објавени, но за споредба, mild-hybrid верзијата на Octavia Selection во Чешка стартува од 689.900 чешки круни, што укажува дека новиот целосен хибрид ќе биде позициониран нешто повисоко во понудата.

Поврзани вести

Back to top button