VW го претстави ID Polo GTI Clubsport: Електричен GTI со 367 КС

Volkswagen го претстави новиот ID Polo GTI Clubsport Concept, најекстремната електрична GTI изведба досега, создадена како дел од одбележувањето на 50-годишнината на легендарната ознака GTI. Концептот дебитира на салонот Essen Motor Show во Германија и претставува визија за тоа како би можел да изгледа идниот електричен GTI Clubsport модел.
Во однос на серискиот ID Polo GTI, новиот концепт носи значително повеќе моќност, агресивен widebody дизајн и бројни решенија инспирирани од мотоспортот.

Дури 362 КС, а краткотрајно и 389 КС
Најголемата новина е погонскиот систем. Наместо електромоторот со 222 КС од серискиот ID Polo GTI, концептот го користи помоќниот APP550 електромотор, познат од моделите ID.7 и ID.3 Neo GTI.
Тој испорачува 367 коњски сили (270 kW) и 550 Nm максимален вртежен момент, што претставува зголемување на моќноста од дури 63 проценти. Благодарение на специјалното управување со батеријата, системот може краткотрајно да испорача и 394 КС (290 kW).
И покрај тоа што силата се пренесува исклучиво на предните тркала, Volkswagen развил нова подрама и дополнително ја модифицирал предната оска за да може да се справи со значително повисоките перформанси.

Подобрувањата резултираат со значително подобри перформанси. ID Polo GTI Clubsport забрзува од 0 до 100 km/h за 4,7 секунди, додека максималната брзина достигнува 240 km/h.
За споредба, серискиот ID Polo GTI до 100 km/h стигнува за 6,8 секунди, а дури и електричниот ID.3 Neo GTIсо истиот мотор поставен на задната оска е само 1,2 секунди побрз од стандардниот Polo GTI.

Агресивен изглед инспириран од WRC
Освен механичките промени, концептот добива и целосно нов изглед. Најзабележливи се проширените крила, големиот заден спојлер, отворите на хаубата и аеродинамичните додатоци кои потсетуваат на рели автомобил од Светскиот рели шампионат (WRC).
Интересно е што Volkswagen го претвори моделот од верзија со четири врати во хечбек со две врати, бидејќи проширените задни крила практично не дозволувале отворање на задните врати. Сепак, компанијата нагласува дека ова решение е резервирано само за концептот.

Внатрешноста е целосно насочена кон возачот и возењето на патека. Предните седишта се Recaro школки со безбедносни појаси во пет точки, задните седишта се целосно отстранети, а нивното место го зазема рол-кафез обоен во препознатливата Tornado Red нијанса.
Иако останува 13-инчниот централен екран, Volkswagen не вградил мултимедијален систем, со цел вниманието на возачот целосно да биде насочено кон возењето.

Најава за сериски GTI Clubsport?
Иако Volkswagen официјално го нарекува концепт, од компанијата истакнуваат дека ID Polo GTI Clubsport Concept е јасен показател како GTI филозофијата може да се пренесе во електричната ера.
Токму затоа многумина очекуваат дека во наредните години оваа студија ќе прерасне во сериски ID Polo GTI Clubsport, со дел од екстремните решенија адаптирани за секојдневно користење.

















