Porsche го финализира електричниот 718 Boxster: Светска премиера во 2027 година

Porsche влегува во завршната фаза од развојот на првиот целосно електричен 718 Boxster. По обемна програма за тестирање во најразлични услови ширум светот, новиот спортски модел со две седишта е речиси подготвен за сериско производство, а неговата светска премиера е закажана за првиот квартал од 2027 година.
Со новата E-Core архитектура, централно поставената батерија од 800 волти, виртуелниот E-Shift менувач и задниот погон, Porsche ветува дека новиот 718 Boxster ќе ја задржи препознатливата динамика на возење на своите претходници, но во целосно електрична форма.

Речиси четири милиони километри тестирање во екстремни услови
Развојот на новиот електричен Boxster вклучуваше околу четири милиони тест километри поминати во повеќе од 20 земји. Инженерите го тестираа автомобилот во најразлични климатски и патни услови – од температури до -30 °C на снегот и мразот во Шведска, па сè до екстремните 51 °C во американската Долина на смртта.
Покрај тестирањата во екстремни услови, прототипите беа изложени и на секојдневен градски сообраќај во Лас Вегас, Лос Анџелес и Шангај, каде фокусот бил ставен на практичноста, системите за асистенција и удобноста при секојдневна употреба. Во текот на развојот биле тестирани и пет различни стандарди за полнење, додека маршрутите се движеле од 86 метри под нивото на морето до надморска височина од 2.750 метри.

E-Core архитектура која ја задржува ДНК-та на Boxster
Еден од главните инженерски предизвици бил задржувањето на карактерот на класичниот Boxster со мотор поставен во средината. Наместо традиционален бензински мотор, зад седиштата сега е сместена 800-волтната батерија, што овозможува тежината да остане концентрирана во централниот дел од возилото.
Благодарение на ова решение, распределбата на тежината изнесува 40 проценти на предната и 60 проценти на задната оска, што е карактеристика типична за спортски автомобил со мотор во средината. Истовремено, ниската позиција на седење и нискиот центар на гравитација остануваат клучен дел од возачкото искуство, додека употребата на лесни материјали овозможува масата да биде споредлива со актуелниот 911 Cabriolet T-Hybrid.
„Почнувајќи од следната година, целосно електричниот 718 Boxster ќе им понуди на нашите клиенти привлечна точка за влез во светот на спортските автомобили со две врати. Нашите инженери успеаја да го пренесат уникатниот концепт на Boxster во електричната ера, дополнително унапредувајќи го во процесот“, изјави д-р Мајкл Лајтерс, претседател на Извршниот одбор на Porsche AG.

Компоненти преземени од Porsche 911
Голем дел од шасијата е развиен врз основа на технологијата на Porsche 911. Управувањето е инспирирано од 911 Carrera GTS, додека за првпат кај Boxster ќе биде достапно и управување со задната оска.
Дополнително, комбинацијата на тркала и гуми, сопирачкиот систем и електронски контролираниот PTV+ диференцијал со ограничено пролизгување исто така се преземени од 911, со цел да се обезбеди што попрецизно и подинамично управување.
Според д-р Мајкл Штајнер, член на Одборот за истражување и развој на Porsche, компанијата намерно избрала посложени инженерски решенија наместо полесен пристап.
„Архитектурата E-Core овозможува ниска позиција на седење и центар на гравитација како кај традиционален спортски автомобил со мотор во средината. Тоа може да се почувствува со секој изминат километар“, истакнува Штајнер.

Најмоќниот 718 Boxster досега
Porsche најавува дека новиот електричен 718 Boxster ќе биде најмоќниот модел во историјата на оваа моделска линија.
Врвната изведба ќе забрзува од 0 до 100 km/h за помалку од три секунди, додека максималната брзина ќе надминува 250 km/h. Без разлика на верзијата, сите модели ќе користат погон на задните тркала.

E-Shift носи чувство како класичен PDK менувач
Една од најинтересните новини е системот E-Shift, кој ќе биде стандарден кај сите верзии.
Со едно притискање на копче, возачот може да активира виртуелен седумстепен PDK менувач, кој преку лопатките зад воланот симулира промени на степените на пренос. Возачот ќе може да избира помеѓу автоматски и рачен режим, додека карактеристиките на виртуелниот менувач ќе зависат од избраниот режим на возење.
Во E-Shift режимот, виртуелните промени на степените се придружени со реконструиран звук инспириран од шестцилиндричниот боксер мотор на Boxster GTS (генерација 981). Кога оваа функција е исклучена, лопатките на воланот добиваат нова улога и служат за избор на едно од трите нивоа на рекуперација.
Двократниот светски шампион во рели Валтер Рерл исто така ги пофали возачките карактеристики на новиот модел.
„Навистина е сензационално што може овој автомобил. Моќта, сопирањето, управувањето и чувството зад воланот функционираат совршено заедно. Со активирањето на E-Shift, уживањето во возењето е уште поголемо. 718 Boxster нуди повеќе повратни информации од кој било друг целосно електричен автомобил што сум го возел“, изјави Рерл.

Премиера во првиот квартал од 2027 година
Новиот целосно електричен Porsche 718 Boxster ќе се произведува во главната фабрика на брендот во Штутгарт-Цуфенхаузен, а неговата светска премиера е најавена за првиот квартал од 2027 година.
Паралелно со финалната фаза од развојот, Porsche ќе објави и документарна серија посветена на создавањето на моделот. Во четири епизоди ќе бидат прикажани различните фази од тестирањето, вклучувајќи ги и испитувањата во некои од најекстремните услови на планетата.
















