Малку дизајн, малку техноогија – Опа… нова „тројка“!
Јапонците ја избраа Барселона, за да ја претстават обновената компактна изведба- Mazda 3
Најважниот модел во гамата на јапонскиот бренд има неколку модификации во екстериерот и ентериерот, потоа корекции во подвозјето и потпирањето со неколку системи, како и сосема нов мотор, па пред нас е навистина освежена верзија на бестселерот. Mazda ја избра повторно Барселона, за меѓународното претставување на новата „тројка“.
Arts Hotel беше центар на збиднувањата за да на новинарската фела и се приближат сите оние поединости кои ја вбројуваат „тројката“ меѓу поважните играчи во сегментот каде владее сеуште најжестоката конкуренција, за да едноставно се држи чекор со трендовите и модерните времиња. Затоа по надминување на глобалното производство на повеќе од 5.150.000 автомобили во август 2016 година, моделот се обновува со лансирање на како што потенцираа нашите домаќини „апдејтирана верзија“ за моделската 2017.
Во глобала подобрена е и надворешноста и внатрешноста, како кај хечбекот, така и кај седанот. Воведен е G-Vectoring Control, кој за прв пат станува дел од SKYACTIV динамичната технологија на возилото, со што е подобрена во целост управливоста, а во понуда се и поефикасни мотори. Овие подобрувања се под заедничко име Jinba Ittai Mazda (спојувањето помеѓу возачот и возилото), каде филозофијата е одржувањето на се она што го диктира моделот на пазарот.
Модификациите на надворешниот дизајн не се преголеми, но се забележуваат корекциите кај предната решетка, која има подобрен 3D димензионален изглед. Магленките имаат поинаква форма, а фаровите сега пристигнуваат со нови LED додатоци. Во боковите имаме нов дизајн на трепкачите, имплементирани во ретровизорите, а кај хечбекот поинаква конфигурација има и задниот браник.
Во Маzdа 3 моделот за 2017 има нов дизајн и кај 18-ичните алуминиумски тркала, кои пристигнуваат во стандардна сива или графитна боја. Клиентот во иднина ќе може да избира меѓу девет бои на екстериерот. Еternal Blue Mica e сосема нова за Mazda, додека Sonic Silver, Matshine Grey, Premium Mettalic, Soul Red Mettalic се нови само за Mazda 3.
Кај стандардниот модел за 2017 просторот околу возачот еволуирал, со подобар квалитет на сите прекинувачи, копчиња, потпирачите на вратите, а за разлика од претходната верзија вградена е електрична рачна сопирачка, со што се добива попрактична централна конзола. Мора да се издвои сосема новиот дизајн на управувачот прекриен со кожа и нов стајлинг, па се до екраните на инструменталната плоча и оној на централната конзола кои се така спакувани да се добие подобра светлина.
Секако тука треба да се напомене и ревидираниот Неаd-Uр дисплеј кои исто така пристигнува со подобра резолуција, со дополнување на систем за распознавање на сообраќајните знаци. Од другите системи за помош на возачот издвојуваме, наместо ласерска техника сега има предна камера, која се активира при поголема брзина, а има функција и да ги препознава пешаците. Нешто повеќе, сопирачките се активираат при постоечка опасност од судир, како и при возење наназад, доколку има препрека. Проширен е опсегот на помош за промена на лентата при движење.
Ревидираната Mazda 3 сериски сега пристигнува со новоконфигурирана контрола на динамиката на движење со Torque Vectoring.
Всушност во моделот за 2017 година е со светско деби на системот G-Vectoring Control (GVC), која е дел од новата технологија Skyactiv-Vehicle Dynamics на јапонската компанија. Токму за ова посветија посебно внимание при презентацијата на новината во Барселона, потенцирајќи дека ова решение набрзо ќе се најде и во другите опции на компанијата.
GVC го контролира моторот, менувачот и суспензијата, за да обезбеди уште подобра реакција на возилото за командите на возачот. Таа го дистрибуира уште попрецизно вртежниот момент на моторот меѓу левите и десните тркала при секаков товар и патни услови. Посебно ни беше апострофирано да обрнеме внимание на ова, па можевме во целост да се увериме во неговите вредности управувајќи на кривулестите патишта во околината на Барселона.
Од Mazda во оваа пригода ни беше потенцирано дека во агрегатската понуда се додава нов 1.5 литарски SKYACTIV-D турбодизелов погонски мотор. Од Mazda велат дека новиот мотор кој ги исполнува барањата на Euro 6 стандардот за нивоа на издувни гасови, ветува поагресивна работа, а во исто време просечната потрошувачка е исклучително импресивна или 3,8 литри на 100 километри. Со претставувањето на новиот дизел мотор од Mazda лансираат исто така и новата технологија Natural Sound Smoother која гарантира сериозно намалување на работниот звук на агрегатот, односно бучавоста како и вибрациите.
Продажбата во Европа ќе започне кон крајот на 2016. година со веќе познатата палета на мотори – три бензински со моќност 100, 120 и 165 КС и два дизел со 105 и 150 „коња“. Шест-брзинскиот менувач може да биде рачен или автоматски.