Jaguar F-Type, од спортски до рели автомобил
Британците овојпат својата креативност ја покажаа со интересната преобразба на спортскиот F-Type во вистински рели автомобил
Престижниот автомобилски бренд Jaguar, годинава одбележува седумдесет години од постоењето на моделот XK 120, кој својата слава ја стекна во мотоспортот. За оваа цел, компанијата се реши да направи нешто што досега никогаш не било направено, односно да модифицира автомобил кој ќе претставува интересен спој помеѓу рели и спортски модел. За ваквата потреба послужи елегантниот испортски F-Type, чија кабрио изведба го направи овој проект уште повозбудлив.
Јасно е дека овие два модифицирани модели нема да се сретнат со сериозна конкуренција, но сепак се направени да се справат со неа.
Овие рели модели се опремени со FIA-сертифицирани заштитни кафези, спортски седишта, прицврстувачи, пп апарати во кабината, како и дополнителни светла поставени на хаубата на овие возила.
Суспензијата се состои од рачно изработени рели амортизери со меки пружини, кои нудат можност за подесување на три начини.
Сопирачките се надоградени со издупчени кочни дискови и четири-цилиндарски шапи. Исто така овие модели се опремени и со хидраулична рачна сопирачка и ограничен лизгачки диференцијал.
Што се однесува на погонот, овие модели се опремени со 2,0 литарскиот четири-цилиндарски мотор со вграден тубро полнач, кој испорачува моќност од 296 коњски сили. Секако, погонот е само на задните тркала.
„Овие возила претставуваат одличен начин да оддадеме почит на легендарниот XK 120, како и сите останати големи спортски автомобили на Jaguar, вклучувајќи го и најновото издание на F-Type Chequered Flag Limited Edition“, изјави директорот на одделот за дизајн, Иан Калум.
Во продолжение погледнете го видеото, преку кое Jaguar ни го прикажува начинот на креирање на овие модели, како и нивната фасцинантна тест вожња.