Викенд тарифа: Вградување на мотор со турбо полнач во европските супер бавни класици
Кога станува збор за модифицирање на автомобили, речиси и никогаш на памет не ни паѓа помислата на вградување на нови турбо мотори во автомобили стари речиси педесетина години, кои притоа не спаѓаат во групата на спортските класици
Да ве однесеме еден чекор напред во современото модифицирање на автомобили. Тјунирање и стилизирање на последните генерации на современите модели е нешто што речиси секојдневно можеме да го видиме по градските улици. Ваквите модификации имплементирани во спортските ретро икони е нешто прилично фасцинантно и ретко, но сепак доколку забележиме еден ваков автомобил, не би биле нешто посебно изненадени. Но замислете, возејќи се со вашето возило, да ве „прелета“ легендарниот Trabant од шеесетите, или пак малата „пегличка“? Е тоа сигурно би ве оставило вчудоневидени.
Како симбол на своето време, легендарниот Trabant е оценуван како гласен и екстремно бавен автомобил.
Прв пат на пазарот се појавил во далечната 1957 година, а после 3,7 милиони примероци, неговото производство престанало во 1990 година.
Еден ваков примерок завршил во рацете на еден господин од Полска, кој станал негов сопственик пред 14 години со цел да го реставрира. Овој процес се одвивал во неколку различни фази каде разни идеи биле испробувани, но сепак сопственикот се одлучил во неговиот Trabant 601 да вгради 1,8 литарски турбо мотор од Audi TT.
Благодарение на овој агрегат, сега овој Trabant има моќност од 207 коњски сили при што произведува 5.700 вртежи во минута, а погонот е распределен до сите четири тркала. Максималниот вртежен момент изнесува 369 Nm, кој му озвозможува забрзување од 0 до 100 километри на час за неверојатни 4,5 секудни.
Покрај погонот, овој Супер Trabant исто така е опремен и со системот на сопирање од Audi, со 315 милиметарски предни и 256 милиметарски задни сопирачки.
Уникатноста на овој модел истота така се должи и на големиот пакет на опрема, каде се застапени многу нови системи, меѓу кои спаѓаат секако и ABS и ESP системите.
Ја спомнавме и малата „пегличка“, чие име всушност е Fiat 126 односно Zastava 126, која за прв пат била претставена во октомври 1972 година.
Производството на овој модел завршило во 2000 година по 4.673.655 продадени примероци.
Следејќи ги чекорите на сопственикот на Супер Trabant, уште еден автомобилски ентузијаст од Полска решил да направи чекор напред со модифицирањето на својот Fiat 126. Секако не станува збор за обично и секојдневно модифицирање, туку целосна преработка на овој мал автомобил кој во осумдесетите и деведесетите години претставуваше вистинска атракција.
Ова модифицирање е започнато од надворешниот дел на возилото, со проширување на страничните крила околу сите четири тркала, при што потоа било комплетно префарбано во одлична металик сина боја.
Вистинските модификации се оние направени под хаубата кај овој Fiat. Наместо малиот фабрички два-цилиндарски мотор со зафатнина од 650 кубни сантиметри и воздушно ладење, во срцето на оваа 126-ка сега се наоѓа 1,6 литарскиот VTEC мотор на Honda, пропратен со турбокомпресор. Така, наместо смешните 23 коњски сили, сега оваа супер „пегличка“ има моќност од 170 коњски сили. Иако можеби ова не изгледа нешто значително многу, сепак да имаме на ум дека тежината на ова мало возило е само 580 килограми.
Мора да признаете дека овој проект е многу интересен, особено со тоа што сопственикот успеал да го претвори овој Fiat 126 во мал спортски автомобил, кој сигурно зад себе на улиците може да остави многу подобри противници.