fbpx

Легендарниот Land Rover Defender конечно со нова генерација

Со многу посовремен и помодерен изглед од својот претходник, новиот Defender изгледа и повеќе од спремно за своето триумфално враќање

Како еден од најочекуваните SUV модели, новиот Defender во својата прототипна изведба беше забележан при активните тестирања на британските патишта.

И покрај добро скриениот изглед, во предниот дел може да се забележи коцкаста предна маска со нежни кривини и линии. Тука е и тенката предна решетка која се наоѓа измеѓу релативно големите фарови кои се делумно маскирани, а подоле може да се забележи централниот воздушен панел.

На петтата врата во задниот дел, монтирана е резервната гума која несомнено ќе влијае врз задната видливост. Ова не би требало да претставува голем проблем со оглед на фактот дека овој SUV е опремен со паркинг сензори и задна камера.

Британскиот производител сеуште голем дел од податоците околу својот нов модел ги држи во тајност, но покрај целосно новиот изглед, најавено е дека овој модел ќе добие и технолошка надградба.

Друг познат податок е платформата на која се базира Defender, а тоа е MLA платформата односно новата модуларна надолжна архитектура на компанијата. Оваа платформа е развиена со цел да се добие поефикасен начин на сместување на погонските единици кај моделите со внатрешно согорување, plug-in хибридите, како и целосно електричните батериски модели.

Новата архитектура се очекува да биде полесна и поцврста од претходната, а исто така од Jaguar Land Rover изјавија дека MLA платформата ќе придонесе за зголемување на удобноста на ова возило. Така, овој модел ќе биде опремен со независна задна суспензија, додека пак производителот најверојатно ќе понуди и опции околу изборот на оската, суспензијата како и пневматиците.

Опциите околу погонските агрегати се сеуште непотврдени, но се очекува овој модел да биде опремен со 2,0 литарски мотор пропратен од турбо полнач.

Конкретни информации околу лансирањето на новиот Land Rover Defender сеуште нема, но очекуваме тоа да се случи во 2020 година.

Поврзани вести

Back to top button