SEAT Minimo Concept – електричен моторцикл со покрив
Како визијата кон иднината на урбаната мобилност, Seat ни го претстави електричниот концепт Minimo, кој претставува микс помеѓу автомобил и моторцикл
Шпанскиот производител на Светскиот мобилен конгрес во Барселона го претстави свој нов електричен концепт под името Minimo. Тој всушност ја прикажува визијата на брендот кон урбаната мобилност, а претставува електричен четирицикл кој ги комбинира малите димензии на моторциклите со безбедноста и удобноста на автомобилите. И покрај тоа што е најавен како концептен модел, Seat најави дека производната верзија може да ја очекуваме во 2021 година.
Со должина од 2,5 метри и ширина од 1,24 метри, малиот Minimo може да превезува два патника, при што зафаќа простор на патот од само 3,1 квадратни, што е речиси над 50 проценти помало од обичен градски автомобил. Двете врати се асиметрични, односно левата е помала од десната, со цел да се овозможи нивно отворање и во најтесниот простор.
Електричниот мотор е придружуван од батерија која многу лесно може да се замени, при што се добива непречено патување. Оваа функција би можела и да ги намали трошоците од полнење на батеријата на јавните места. Производителот тврди дека електричниот опсег на Minimo е над 100 километри со целосно наполнета батерија.
Овој концепт е дизајниран да достигне четврто ниво на автономија, што значи дека по подготвувањето на технологијата, возилото самостојно ќе може да ги подигне патниците. Функциите како дигитален клуч и безжичната технологија на Android Auto го прават Minimo уште поидеален за градска употреба.
По своето деби во Барселона, Seat ќе го претстави својот концепт и на саемот во Женева.