Три месеци по светската премиера, Mazda 3 пристигна и кај нас
Премиерно претставена на саемот во Лос Анџелес кон крајот на минатата година, а сега како дел и од салонот на Mazda во Скопје
Целосно новата Mazda 3 претставува почеток на новата ера за овој бренд. Со 6 милиони реализирани примероци од своето деби во 2003 година, овој модел е од стратешко пазарно значење за јапонскиот производител.
Новата Mazda 3 претставува втора генерација на моделот, која сега е достапна како хечбек со пет или седан со четири врати. Подобрена во секој поглед, со многу нови иновативни системи, напредна технологија, како и поквалитетна изработка со подобрени материјали, овој модел доживува целосна еволуција. Секој детал на новата Mazda е дел од целосно новиот дизајн на автомобилот.
Како дел од стандардната опрема, сите модели добиваат LED предни и задни светла, задни сензори за паркирање, систем за одржување на возилото во лента, а тука е и системот за надзор на „слепата“ точка во ретровизорите.
Во однос на погонските системи, новата генерација на Mazda 3 ќе биде достапна со SKYACTIV-X, SKYACTIV-G и SKYACTIV-D. Претставениот модел доаѓа со SKYACTIV-X и располага со 2.0 бензински мотор со моќност од 180 коњски сили.