Škoda со нов проект за е-мобилност во Чешка
Брендот ќе обезбеди десет прототипи на електричниот Citigo E-Pilot, кои ќе имаат директно влијание врз идната е-мобилност на компанијата
Пред самиот влез во ерата на е-мобилноста, Škoda тестира прототипни верзии на електричниот Citigo, како дел од новиот пилот-проект во Република Чешка. Избрани компании, корисници и државни органи ќе имаат прилика да ги пробаат овие десет копии на Škoda Citigo E-Pilot, на територијата на земјата во наредните неколку месеци.
Пред почетокот на сериското производство на електричните модели, чешкиот производител сака да добие повратни информации и вредни сугестии од корисниците и клиентите кои поминале одредено време позади управувачот на прототипниот Citigo. На овој начин, оценувањето на карактеристиките и перформансите на возилото се врши директно од страна на корисниците.
Тест возилата ќе бидат опремени со сензори кои ќе прибираат важни податоци, како надворешна температура, температура во возилото и забрзување на возилото. Сите овие податоци автоматски ќе бидат испратени до одделот за технички развој на Škoda, каде воедно ќе бидат и оценети. Ова овозможува увид во начинот на користење на возилото и утврдување на батериското однесување за време на секојдневните активности и полнења.
„Škoda лансира електрична мобилност во 2019 година и ќе воведе десет електрифицирани модели до крајот на 2022 година. Пред да се воведе сериско производство на ŠKODA е-возилата, ние собираме повратни информации од нашите клиенти кои ќе ги оценуваат тест флотите на нашиот домашен пазар во наредните неколку месеци“, изјави управниот директор на Škoda, Лубош Влчек.
Тест изведбите на Citigo се изградени на основа на Volkswagen e-Up, но сепак нивната производна верзија ќе има целосно различни карактеристики. Сериското производство на електричниот модел се очекува да започне во четвртиот квартал на 2019 година.
Во следните четири години, Škoda ќе ја лансира најобемната инвестициона програма во својата историја, со проценета вредност за електрификација и дигитализација од околу 2 милијарди евра. До крајот на 2022 година, производителот ќе претстави над триесет нови модели, од кои повеќе од десет ќе бидат делумно или целосно електрични.