Шпиунски фотки од првиот производен модел на ID семејството
Целосно електричниот Volkswagen ID ќе доаѓа со три батериски конфигурации, а се очекува да дебитира на Саемот во Франкфурт подоцна оваа година
Германскиот бренд изминатиов период на светот му ги прикажа речиси сите концептни возила од ID семејството, а сега на ред е и првата производна верзија на електричниот ID хечбек, кој активно се тестира.
Новите фотографии од прототипниот модел на ID се направени во северна Шведска, каде возилото активно се тестира во зимски услови. Од нив најдобро може да се види обликот на предните и задните LED светлосни уреди, кои се дел од финалната производна спецификација. Задните фарови малку потсетуваат на моделот Golf, додека сличноста со Passat може да се забележи во стилски линии на предните фарови.
Пропорциите на автомобилот се многу слични на концептот Seat El-Born, претставен претходно оваа година. Се очекува тој да биде малку подолг од идната генерација на Golf, со што заедно со поефикасното пакување овозможено од MEB платрформата, новиот хечбек ќе понуди внатрешен простор на ниво на Passat.
Кристијан Сенгер, шеф на производна линија за мобилност на Volkswagen, неодамна изјави дека новиот ID ќе понуди три конфигурации на батериско пакување. Првата верзија ќе биде опремена со батерија од 48 kWh, која ќе овозможи возен опсег од 330 километри. Верзијата со средни спецификации ќе има опсег од 450 километри, додека врвниот модел од понудениот спектар на ID ќе доаѓа со 111 kWh и опсег од 550 километри. Што се однесува до полнењето, ID треба да има способност за брзо полнење од 125 kW.
Сите изведби на електричниот ID хечбек ќе бидат опремени со 168 коњски електричен мотор, поставен во задниот дел и задолжен за придвижување на задните тркала. Цената на основната верзија се очекува да биде нешто помалку од 30.000 евра.