CES 2020: Технолошкиот гигант Sony со сопствен електричен автомобил Vision-S
Јапонскиот гигант Sony зачекори во автомобилската индустрија со концептното возило Vision-S, кое мора да се признае дека воопшто не изгледа лошо
Кога станува збор за компанијата Sony, во главно се поврзува со технологија, ТВ уреди, Vaio компјутерите и Playstation конзолите, но гигантот од Токио приреди изненадување на Consumer Electronic Show во Лас Вегас каде го претстави електричниот автомобил Vision-S.
Експанзијата на електрични автомобили доведе до тоа во авто-индустријата да се вклучат се повеќе фирми и стартап компании кои претходно немале никаква поврзаност со производство на возила или дури воопшто и не постоеле.
https://youtu.be/j1RAdaSFWkM
Vision-S е електричен автомобил со елегантен дизајн кој има напреден систем на автономно возење. Овој модел со изгледот потсетува на Porsche Taycan и Lucid Air, а креиеран е пред се со цел Sony да ги демонстрира своите можности на полето на автомобилската технологија. Vision-S е произведен во соработка со компаниите Nvidia, Continental, Bosch, ZF и Qualcomm, поседува 33 сензори кои детектираат луѓе и предмети не само надвор од автомобилот, туку и во него. Модерно дизајнираната пространа кабина со голем стаклен панорамнски покрив е проектирана за комфорно возење на четири лица, а интересно е што позади се наоѓаат индивидуални седишта.
Не е познато кога и дали Vision-S ќе влезе во сериско производство
Sony не ги откри техничките спецификации на автомобилот, но соопштено е дека го напојуваат два електрични мотори кои развиваат вкупно 268 КС и му овозможуваат забрзување од 0 до 100 километри на час за 4,8 секунди и максимална брзина од 240 километри на час.
Арматурната плоча создржи екрани меѓу кои се и оние во аглите кои го прикажуваат она што го снимаат камерите кои ги заменуваат страничните ретровизори. Од Sony истакнуваат дека Vision-S е опремен со 360 Reality аудио систем кој овозможува совршен звук, а некои звучници се интегрирани и во седиштата.
Јапонската компанија во развојот на платформата на електричниот автомобил соработуваше и со Magna Steyr кој стои зад Toyota Supra, BMW Z4 и Mercedes-Benz G-класа. Дали Vision-S од концепт ќе прерасне во продукциски модел, засега не е познато.