Короната зема уште една жртва, откажан Goodwood фестивалот
Традиционалната автомобилска манифестација Goodwood Festival of Speed која важи за водечки автомобилски настан во Велика Британија, дефинитивно се откажа
По откажувањето на големите меѓународни салони на автомобили во Детроит, Њујорк и Женева, како и одложувањето на голем број настани или дури менување на нивниот концепт на работа, како што е случајот со Париз, пристигна вест дека оваа година дефинитивно нема да се одржи ниту Goodwood Фестивалот на брзината во Гудвуд.
Иако првично беше планирано Фестивалот на брзината да се одложи за подоцна во текот на летото или рана есен, организаторите очигледно сфатија дека фестивалот нема да може да се одржи оваа година поради пропишаните мерки за физичка дистанца во Велика Британија.
„Goodwood Фестивалот отсекогаш се гордеел со организацијата на најдобрите можни настани, а со мерките кои се потребни за борбата против вирусот, и кои остануваат на сила, не би било возможно да се одржи годинешното издание на Фестивалот на начин на кој сите учесници и посетители би уживале во него“, соопштуваат организаторите.
Првично закажан да се одржи на Goodwood Estate во Западен Сасекс од 9 до 12 јули, пред да биде одложен за подоцна летово, а потоа и за 11 до 13 септември, сега е јасно дека Goodwood Фестивалот нема воопшто да се одржи, исто како и годишниот Goodwood Revival настан за класични автомобили и олдтајмери. Со откажувањето на годинешните автомобилски манифестации во Гудвуд, организаторите доаѓаат во тешка финансиска ситуација, со оглед на тоа дека ќе изостанат приходите как од учесниците, така и од публиката. Затоа, од организацијата испратија апел до сите долгогодишни фанови на Goodwoow Фестивалот да им помогнат со парични донации за да ја надминат кризата во која ќе се најдат поради пандемијата на коронавирусот.
Фестивалот се враќа идната година
„За бизнис како нашиот, каде што се се сведува на собирање на луѓето заедно да уживаат во работите кои ги сакаат, социјалната дистанца има неизбежно влијание на нашите способности да функционираме. Фестивалот на брзината и Revival настанот ќе се вратат во 2021 година, а во меѓувреме пресреќни сме да им дадеме шанса на нашите лојални членови и следбеници уникатна можност да ја зголемат својата поврзаност со Goodwood со тоа што ќе станат дел од нашата нова Goodwood Supporters Association Initiative“, изјави Војводата од Ричмонд, сопственикот на имотот во Гудвуд.
Посетителите кои веќе купија влезници за оваа година, ќе можат да ги вратат и да ги добијат парите назад или да ги искористат следната година.