Победа на Фетел само за побогата статистика
Возачот на Ferrari, четирикратниот светски шампион, Себастијан Фетел стигна до победа на Бразилското ГП во Интерлагос, претпоследна рунда од годнашнава сезона, пред Валтери Ботас од Mercedes и неговиот тимски колега, Кими Раиконен
Ова е за жал задоцнета победа на Германецот, откако на минатата трка во Мексико, неговиот ривал Луис Хамилтон се израмни со него по бројот на освоени титули, на две рунди пред крајот на сезоната. Дури, иако победи, ловориките во Интерлагос ги собра токму новиот светски шампион, Британецот откако го „искрши“ болидот во квалификациите и стартуваше од последната позиција, во даден момент се бореше да се најде и на подиумот, но не успеа во надмудрувањата со Раиконен, па беше прогласен за возач на денот. Така ова ќе биде победа за Фетел само за збогатување на бројки во архивата на навистина богатата кариера, која полека беледее?! Вредните статистичари ќе забележат дека ова е 47-ма победа во кариерата на возачот на Ferrari и трета на патеката Интерлагос, а исто така е и 98. подиум во кариерата, со што се одвои од Фернандо Алонсо и сега е сам на четвртото место на вечната листа, зад Михаел Шумахер (155), Хамилтон (116) и Прост (106).
Петтата победа во 2017, Фетел ја обезбеди уште на првиот свиок, кога го помина Ботас. Зад лидерите, Кевин Магнусен го „притисна“ Штофел Вандорн кон Даниел Рикардо предизивувајки судир и придонесе за излегување на безбедносното возило. По ре-стартот, Фетел го задржа водството пред Ботас, Раиконен и Верстапен, додека Фелипе Маса во последната домашна трка ги воодушеви фановите со претекнување над Фернандо Алонсо за петтото место. Хамилтон, на меки гуми, имаше одличен програс и веќе во деветтиот круг го помина Пјер Гасли за 10. место. Влегувањата во боксот не сменија многу кај лидерите, иако Хамилтон накратко беше лидер, пред да влезе во боксот и потоа да биде најбрзиот возач на патеката, лесно поминувајки го Верстапен на 12 круга пред крајот. Холанѓанецот, кој се мачеше со гумите во финишот на трката сепак „скокна“ до боксот, па на крајот беше петти пред Рикардо, додека Маса го издржа нападот во последниот круг од Фернандо Алонсо, за да го освои седмото место. Серхио Перез беше деветти за Force India, пред Нико Хилкенберг во Renault.
До крајот на сезоната останува уште „класичната“ трка во Абу Даби, по што ќе биде спуштена завестата на сезоната за 2017 година.