Пристигна новата S-Класа
Германски Mercedes ја претстави долгоочекуваната S-класа (W223) која повторно го издигнува нивото во сегментот на луксузни автомобили
Иако кросоверите и SUV возилата доживуваат огромна популарност последниве години, S-класата останува најважниот модел за Daimler и знаменосец на Mercedes. Долгата тизер кампања во пресрет на премиерата ни донесе поглед во внатрешноста која речиси нема ништо слично со кабината на претходната генерација. Новата Mercedes S-Класа останува врвот во достигнувањата кога станува збор за удобноста и технологијата.
Новата генерација на луксузниот седан пристигнува со „прочистен“ изглед, кој според Mercedes е најновата дизајнерска филозофија на компанијата. Целата каросерија добива „помазен“ изглед од претходно, профилот е почист, предниот дел има помалку истакнати предни светла, додека на задниот дел се карактеризира со хоризонталните задни светла.
Екстериерот сега се одликува со подолга хауба, а рачките од вратите сега во целост се интегрирани во каросеријата. Со коефициент на отпор од 0.22, новата S-Класа е еден од најаеродинамичните автомобили во светот. Кога станува збор за димензиите, новата S-Класа е до 3,3 сантиметри подолга од својот претходник, поширока за 5 сантиметри и за еден сантиметар повисока. Но, со цел да ги задржи пропорциите, Mercedes исто така го продолжи и меѓуоскиното растојание за 5 сантиметри. Со тоа новата генерација на луксузната лимузина ги задржува своите атлетски пропорции.
Ентериерот за новата S-класа веќе е познат благодарение на тоа што Mercedes одамна ги објави фотографиите и технологиите кои ќе ги добиеме во W223. Според германската компанија, ентериерот на автомобилот е инспириран од светот на луксузните јахти, поради што се добива впечаток на lounge амбиент. Благодарение на продолженото меѓуоскино растојание, новата S-Класа добива поголем простор во внатрешноста во однос на претходникот. Една од најголемите карактеристики во кабината е новото амбиентално осветлување. Во внатрешноста се наоѓаат пет дигитални екрани, од кои главниот е со големина од 12,8 инчи. Тука е и најновиот MBUX инфозабавен систем, кој се одликува и со проширена реалност кој испраќа далеку почиста слика до head-up екранот.
Меѓу останатите карактеристики на ентериерот се најновите системи за безбедност и асистенција на возачот. Тука е и екстензивно амбиентално осветлување и напредниот Energizing Coach систем насочен кон намалување на нивото на стрес кај возачот. На крајот, новата генерација има дури 27 механички копчиња помалку во однос на претходната генерација. Речиси сите од нив се заменети со гласовни или команди на допир.
Над централната конзола се поставени четири нови отвори за воздух хоризонтално поставени, заменувајќи ги претходните четири заоблени отвори. Зависно од опременоста, Mercedes нуди целосен финиш за централната конзола во карбон или црн дрвен елемент. Тука се и 30 звучници како дел од Burmester 4D сараунд системот.
Новата S-Класа добива и иновативен систем на потпирање наречен E-Active Body Control. Овој систем го следи патот и возачкиот стил благодарение на камера и 20 сензори. Новина е и управувањето на задните тркала, кој според Mercedes ќе го намали вртечкиот круг на новата S-Класа за два метри во споредба со моделот во заминување.
Кога станува збор за моторите, неколку шестцилиндрични бензински и дизел мотори ќе бидат достапни на почетокот за новата S-Класа. Подоцна се очекува да пристигне и V8 мотор со интегриран стартер-генератор и 48-волтна блага хибридна технологиија. Plug-in хибридната варијанта, наречена S580e, користи 3,0-литарски шестцилиндричен бензински мотор во комбинација со електромотор вграден во менувачот и 28 kWh батерија за комбинирана моќност од 510 КС. Според WLTP, Mercedes S580e ќе може да помине до 100 километри исклучиво на струја. S580e се очекува да пристигне во 2021 година.
На почетокот кај бензинците ќе бидат достапни S450 и S500 so 367 КС и 500 Nm, односно 435 КС и 500 Nm максимален вртежен момент. Двете со погон на сите четири тркала. Кај дизелите понудата ја отвараат 2,9-литарските S350d со 286 КС и 600 Nm. Како опција ќе биде достапен и со погон на сите четири тркала. По него следува S400d 330 КС и 700 Nm максимален вртежен момент и погон на сите четири тркала како стандарден. Сите модели ќе имаат деветстепен автоматски менувач. Подоцна се очекува да пристигне и електричната EQS варијанта.