„Уловен“ новиот VW ID.6
Volkswagen планира возилата со ID ознаката во целост да ги заменат традиционалните автомобили и во нив ја гледа иднината на компанијата
Минатата година Volkswagen го претстави концептот ID Roomzz, а сега на улиците е забележан прототип на автомобилот за кој многумина најавуваат дека ќе го понесе името ID.6, а е базиран токму на минатогодишниот концепт. Volkswagen ID.6 ќе биде базиран на MEB платформата на компанијата, а целосно ќе го надмине ID.4 кога станува збор за димензиите.
За разлика од ID Roomzz, кој се карактеризираше со лизгачки задни врати, ID.6 ќе има стандардна конфигурација, а покрај камуфлажата која неодоливо потсетува на Peugeot, може да се каже како ќе изгледа возилото, барем кога станува збор за формата. По она што оможе да се види, ID.6 ќе биде мошне сличен на ID.4.
Секако, неколку дизајнерски елементи ќе бидат поразлични, а зголемувањето на големината го прави ID.6 сосема поинаква „ѕверка“ во однос на ID.4 и ID.3. Според Volkswagen, ID Roomzz нуди повеќе простор од Touareg, а можеме тоа да го очекуваме и тука. Меѓуосовинското растојание од 2.965 милиметри исто така би можело да биде преземено од страна на ID.6, иако во ентериерот со сигурност нема да има ротирачки седишта.
Кога станува збор за погонската конфигурација, не е многу познато. Концептот комбинираше два електромотори за вкупни 306 КС, овозможувајќи спринт до „стотка“ за 6,6 секунди и 180 километри на час максимална брзина. Автономијата на движење изнесува 450 километри според WLTP.
Во внатрешноста треба да се најде целосно дигитален кокпит, многу малку копчиња и материјали со повисок квалитет отколку во ID.4. VW исто така ќе го опреми електричниот автомобил со најновиот инфозабавен софтвер и системи за асистенција. Volkswagen ID.6 се очекува да биде претставен во текот на следната година како модел за 2022.