fbpx

FCA и PSA си ги поделија директорските места во Stellantis

PSA и FCA групациите ги именуваа 11-те членови на Бордот на директори во Stellantis, а отсуството на едно име привлече најголемо внимание

Шефот на PSA и иден извршен директор на Stellantis, Карлос Таварес се најде во бордот на новоформираната компанија по фузијата на PSA и FCA, но неочекувано е што во бордот на директори не се најде досегашниот извршен директор на Fiat Chrysler Automobiles, Мајк Менли.

Како дел од договорот потпишан меѓу PSA и FCA во декември 2019 година, бордот на Stellantis ќе има само двајца извршни членови, а тоа ќе бидат Таварес и претседателот на FCA, Џон Елкан.

Мајк Менли

Fiat Chrysler наводно ќе ја најави новата функција и улога на Менли во Stellantis некаде „пред да биде комплетирано спојувањето“, што се очекува да биде завршено во првиот квартал од 2021 година.

Од друга страна, Елкан ќе служи како претседател на Бордот, заедно со Роберт Пежо, главата на Пежо семејството, кој ќе биде потпретседател на компанијата. Во меѓувреме, Андреа Ањели, претседателот на фудбалскиот клуб Juventus и член на Ањели-Елкан семејство, ќе биде вториот член на бордот кој ќе го го претставува FCA во Stellantis.

Роберт Пежо

Секој производител на крајот номинираше по пет члена, покрај Таварес, а од 11-те вкупно, седум се сметаат за независни, пренесува Autonews Europe. Постар независен директор ќе биде Анри де Кастрис, поранешен извршен директор на AXA и член на бордови на многу други компании, вклучително и Nestle.

Останатите шест независни членови на бордот се: Фиона Клер Чичони (FCA), Никола Дуфорк (PSA), Ан Франсес Годбер (PSA), Ван Линг Мартело (FCA), Жак де Сен-Егзипери (PSA), Кевин Скот (FCA).

И додека идната нова позиција на Менли останува нејасна, Таварес претходно истакна дека тие двајца комуницираат на дневно ниво работејќи кон комплетирање на спојувањето на компаниите.

Карлос Таварес

Со спојувањето на силите, PSA и FCA ќе го креираат Stellantis, субјект кој ќе стане четвртиот најголем производител на автомобили според волумен, по Toyota, Volkswagen и Renault-Nissan алијансата.

Поврзани вести

Back to top button