fbpx

Elation Freedom е електричен хиперавтомобил со над 1.900 КС

Старт-ап компаниите за електрични возила, особено за оние екстремните, никнуваат како печурки, а последни во низата се Elation Hypercars

Компанијата за електрични хиперавтомобили базирана во Калифорнија, Elation Hypercars, е создадена од страна на Карлос Сатуловски и Мауро Саравија и има за цел да стане првата компанија која ќе произведува електричен луксузен хиперавтомобил во Америка.

Првиот модел на Elation е наречен Freedom и е развиен благодарение на „најсветлите умови во аргентинската тркачка индустрија“. Иако ова звучи навистина чудно, од компанијата велат дека нивниот тим на инженери работел во „Formula 1, 24 часа Ле Ман и куп други европски тркачки дивизии“.

Автомобилот дефинитивно плени со својот изглед, благодарение на впечатливиот екстериер кој неверојатно потсетува на Lotus Evija. Од компанијата не откриваат многу спецификации, но рендерите посочуваат дека Freedom ќе има карбонски преден сплитер, вентилирачки нос и аеродинамични странични прагови. Тука е и активниот заден спојлер како и масивниот дифузер.

Elation

Кога станува збор за кабината, тука е кокпитот кој е инспириран од воените авиони, со дигитален инструмент кластер и минималистичка централна конзола. Компанијата исто така наведува дека купувачите можат да ја персонализираат кабината со премиум кожа, скапоцени метали и камења.

Elation Freedom ќе биде поставен на карбонска монокок шасија која тежи околу 82 килограми и инкорпорира литиум-јонска батерија, која ќе биде достапна со капацитети од 100 и 120 kWh, со што ќе се овозможи автономија од 483 до 644 километри.

Elation

Две електрични и една конвенционална верзија

Базичниот модел ќе има три електромотори кои ќе произведуваат вкупна моќност од 1.434 КС. Elation исто така планира да понуди верзија со четири електромотори со моќност од 1.929 КС. Еден од овие, веројатно последниот, ќе може да забрза од нула до „стотка“ за околу 1,8 секунди пред да достигне максимална брзина од 418 километри на час.

Elation

За оние кои не сакаат електрични хиперавтомобили, компанијата исто така го најавува и Freedom Iconic со погон на сите четири тркала и 5,2-литарски V10 мотор кој доаѓа во комбинација со седумстепен Stronic менувач со двојна спојка. Погонот е очигледно позајмен од Audi и компанијата истакнува дека ќе испорчаува над 760 КС и 664 Nm максимален вртежен момент. Оваа поставка ќе му овозможи на автомобилот да спринта до „стотка“ за 2,5 секунди, а максималната брзина ќе биде 386 километри на час.

Freedom ќе има базична цена од 1,7 милиони евра, додека Freedom Iconic ќе се нуди за 1,9 милиони евра. За жал, нема информации кога моделот ќе биде лансиран.

Поврзани вести

Back to top button