fbpx

Hyundai го најави Bayon, новиот мал кросовер за Европа

Корејскиот производител Hyundai официјално го најави новиот мал кросовер од B сегментот за европскиот пазар, кој ќе се нарекува Bayon

Пред речиси две години беше објавено дека Hyundai планира можност за нов мал кросовер за европските купувачи. Конечната одлука остана да виси во воздух, но сега официјално овој модел доби зелено светло за да влезе во производство. По тој повод, Hyundai за прв пат објави тизер за кросоверот од B сегментот кој ќе го понесе името Bayon.

Кога Bayon ќе се најде во продажба на Стариот континент, моделот ќе се приклучи во веќе широката постава на кросовери од Hyundai. Во истата се вклучени Kona, Tucson, Nexo и Santa Fe. Bayon се очекува да биде влезен модел во кросовер понудата на корејскиот производител.

„Hyundai е силно етаблиран на SUV пазарот во Европа, кога станува збор за опсегот на модели и продажбата. Со лансирањето на нов, дополнителен модел од B сегментот како влезен модел во нашата SUV понуда, ние гледаме одлична можност да го покриеме побарувањето на купувачите уште повеќе и уште подобро, како и да ја зголемиме нашата понуда во исклучително популарниот сегмент“, изјави Андреас-Кристоф Хофман, потпретседателот за маркетинг и производи на Hyundai.

Hyundai во моментов останува таинствен околу сето ова. Единствено е познато дека името на моделот влече корени од градот Бајон (Bayonne) од југоистокот на Франција. Дополнителни детали за моделот Bayon ќе бидат откриени наскоро. Постојат добри шанси малиот кросовер да биде механички поврзан со i20. Всушност, по некоја логика, би требало да биде замена за i20 Activе, субкомпактниот хечбек кој Hyundai го нудеше во Европа во претходната генерација на ова супермини.

Иако со својата должина од 4.205 милиметри Kona и не е голем автомобил, сепак се очекува Bayon да биде уште помал со можеби нешто поголема должина од i20 (4.040 милиметри). Исто така, се очекува новиот кросовер да се понуди исклучиво со погон на предните тркала и бензински агрегат. Кога станува збор за дизајнот, тој се уште е мистерија. Затоа, во следниот период покрај нови информации, очекуваме и некој тизер од новиот модел. Hyundai планира да го лансира Bayon во Европа во првата половина на 2021 година. Затоа, не би требало да чекаме многу за нови детали. Кога станува збор за цената, Bayon се очекува да биде поевтин од Kona.

Поврзани вести

Back to top button