Lancia станува премиум бренд во ерата на Stellantis
Lancia денес е само сенка на оној славен бренд, со само еден производ, моделот Ypsilon, но Stellantis има поинакви планови
Италијанскиот производител Lancia денес има само еден производ во својата понуда, а станува збор за моделот Ypsilon кој се нуди исклучиво на италијанскиот пазар, што е навистина поразителен факт за некогаш славниот производител, но со спојувањето на FCA и PSA, судбината на оваа марка ќе се промени, барем такви се плановите на Stellantis.
Според најавите, компанијата Lancia ќе стане премиум бренд, барем така стои на листата која ја објави новоформираната групација. Имено, во делот со премиум брендови, покрај Alfa Romeo и DS, сега стои и Lancia, што значи дека Stellantis има посебни планови, а компанијата ќе ја предводи Лука Наполитано, кој исто така е шеф на Fiat и Abarth за Европа, Блискиот Исток и Азија.
Сето ова веројатно значи дека Lancia ќе добие шанса повторно да блесне, но интересно е што од Stellantis се уште молчат за сето ова. Без разлика на се, новата групација ги има вистинските алатки да го освежи брендот и да го претвори во клучен играч со нови и возбудливи возила кои ќе ја донесат ДНК-та на своите претходници во оваа ера на електрификација и SUV доминација.
Кога станува збор за Stellantis како целина, според податоците, би бил шестиот најголем производител на автомобили во 2020 година, со оглед на тоа дека во оваа предизвикувачка година FCA и PSA заедно продале 3,89 милиони возила. Падот од 33 проценти ги става зад Hyundai и Kia, кои испорачале 4,5 милиони автомобили, General Motors со 4,72 милиони и Renault-Nissan со 5,54 милиони единици. Неоспорен крал на продажбата е Toyota со 6,68 милиони единици, а на второто место е Volkswagen групацијата со 6,18 милиони единици.