fbpx

Премиера на Karma GS-6, пристигнува и во Европа

Karma Automotive во САД го претстави GS-6, новата генерација на спортскиот седан кој на северноамериканскиот пазар ќе се нуди во три конфигурации

Компанијата Karma Automotive е базирана во Калифорнија, а сега и официјално го претстави моделот GS-6, новата генерација на EREV (Extended Range Electric Vehicle) спортскиот седан кој го задржува Revero GT стилскиот дизајн, но е далеку попристапен со почетна цена од 83.900 долари. Новиот GS-6 ќе биде достапен во три различни нивоа на опременост познати како Standard, Luxury и Sport. Она што е веројатно и најважно е фактот дека Karma потврди дека GS-6, а подоцна и останатите модели на компанијата, ќе бидат достапни во Европа, но во моментов нема информации околу датумот кога истите ќе пристигнат, ниту пак околу цената на автомобилите.

Karma GS-6

Компанијата не откри многу спецификации за GS-6, но моделот ќе биде опремен со 21 или 22-инчни тркала зад кои се наоѓа сопирачкиот систем на Brembo. Исто така, треба да се напомене дека компанијата ја користи својата нова модуларна E-Flex платформа, која овозможува да понуди Range Extended верзии и целосно електрични модели.

Препознатливите одлики не се менуваат

Ентериерот исто така е препознатлив, барем за оние кои се запознаени со претходните производи на компанијата. Ова значи дека купувачите ќе најдат дигитален иструмент кластер и 10,2-инчен инфозабавен систем со Android Auto и Apple CarPlay компатибилност. Меѓу останатите карактеристики се вентилирачките седишта со греење, аудио системот со осум звучници и бежични „апдејти“ на софтверот.

Karma сериозно се потпира на прилагодливоста која се пренесува и кај GS-6. Покрај карбонскиот трим и петте различни бои на кожни облоги, моделот може да биде опремен и со уникатни опции како што е обработено дрво спасено од пожарите во Калифорнија.

Кога станува збор за безбедноста, автомобилот пристигнува со осум воздушни перничиња и цел асортиман на системи за асистенција на возачот, вклучително и одржување на коловозна лента и адаптивен темпомат со Stop & Go систем. Моделот исто така добива и автоматско сопирање во итни случаеви, набљудување на слепа точка, паркинг асистент и систем за надгледување на околината со камера.

Karma GS-6

EREV и целосно електрична верзија

Без оглед на нивото на опремност, сите модели на GS-6 се со продолжен опсег на автономија. Сите пристигнуваат со 28 kWh литиум-јонска батерија, кој ги напојува двата електромотори поставени на задниот дел за комибинирана моќност од 543 КС и 746 Nm вртежен момент.

Батеријата нуди 129 километри чисто електричен опсег, а поставката е засилена од 1,5-литарски трицилиндерски турбо мотор кој служи како генератор. Благодарение на моторот, GS-6 има вкупен опсег на движење од 579 километри. Со цел да се извлече максимумот од погонот, GS-6 има три различни режими на возење. Stealth режимот ја користи исклучиво батеријата, додека Sustain режимот овозможува моторот да работи со цел да се надополни батеријата. Sport режимот, од друга страна, ја користи моќноста и од моторот и од батеријата за максимални перформанси.

Кога станува збор за полнењето, батеријата може да се наполни за околу четири часа, а со 45 kW DC брз полнач до 90 проценти батеријата се полни за 34 минути.

GS-6 веќе е достапен во САД, а по него ќе следува и целосно електричниот GSe-6 подоцна оваа година. Електричниот автомобил ќе има почетна цена од 79.900 долари и ќе има опсег на движење од 483 километри.

 

Поврзани вести

Back to top button