fbpx

Први фотографии и голем број детали за новата Škoda Fabia

Новата генерација на Škoda Fabia пристигнува, а чешкиот производител сега ги објави првите фотографии заедно со неколку детали за автомобилот

Откако официјално ја најави новата генерација на Fabia со затемнет тизер цртеж кој го најавува страничниот профил на автомобилот претходно овој месец, Škoda сега објави цела галерија на која е прикажан камуфлираниот прототип од новата генерација на компактниот модел. Не само тоа, туку чешкиот производител исто така откри и голем број на технички спецификации во пресрет на премиерата која е закажана за подоцна оваа година.

Она што е најважно е дека новата Fabia ќе биде далеку поголема од својот претходник и ќе има поголеми димензии во однос на своите „роднини“ Volkswagen Polo, Seat Ibiza и Audi A1. Со должина од 4.107, ширина од 1.780 и висина од 1.460 милиметри, четвртата генерација на компактниот хечбек ќе биде за малку пократка од Golf 4, додека ширината и висината е поголема, исто како и меѓуосовинското растојание.

Поголемите димензии се благодарение на унапреденото „пакување“ кое е овозможено од MQB-A0 платформата која ќе и овозможи на новата Škoda Fabia да биде најпрактичниот модел во сегментот. Капацитетот на багажникот изнесува 380 литри, што е за 50 литри повеќе од својот претходник, надминувајќи ги и своите конкуренти од Volkswagen групацијата, но и „надворешните“ ривали како Peugeot 208, Opel Corsa, Renault Clio, Ford Fiesta и Dacia Sandero.

Fabia

Со поклопување на задната клупа, багажниот простор се зголемува на 1.190 литри, а веќе потврдената караванска верзија ќе има уште поголем товарен простор. Пространоста во внатрешноста исто така треба да биде далеку поголема, со оглед на тоа дека меѓуосовинското растојание е продолжено за речиси 100 милиметри во однос на претходната генерација. И покрај поголемите димензии, од Škoda велат дека инженерите успеале да ја задржат тежината на претходниот модел, благодарение на новите компоненти.

Покрај ова, малиот субкомпактен хечбек ќе биде и најаеродинамичниот автомобил во својата класа, со намалување на коефициентот на отпор од 0.32 на 0.28.

Широка палета на мотори

Кога станува збор за моторите, треба да се истакне дека целосно новата Fabia повторно ќе се нуди со четирицилиндерски мотор. Škoda одлучи да го инсталира 1,5-литарскиот бензински турбо мотор во хечбекот од B сегментот каде ќе испорачува 150 КС и 250 Nm максимален вртежен момент. Овој мотор ќе биде достапен исклучиво со седумстепен автоматски менувач со двојна спојка. Ќе се одликува со технологија за деактивирање на цилиндрите со автоматско исклучување на два цилиндри кога не е потребна комплетната моќност на моторот со цел да се заштеди на гориво.

Škoda донесе одлука и да го задржи 1,0-литарскиот MPI трицилиндерски мотор, кој ќе се нуди во две варијанти на моќност и петстепен мануелец. Средно опремените модели ќе пристигнат со 1,0-литарски TSI исто така со две варијанти на моќност, со тоа што помоќниот ќе добие шестстепен мануелец, а како опција ќе се нуди седумстепен DSG менувач.

Fabia

Сите мотори се дел од Evo семејството, со тоа што TSI агрегатите ќе имаат и филтер за бензински честички. Очекувано, дизелските мотори нема да бидат во понудата, откако беа исклучени со фејслифтот на претходната генерација кон почетокот на 2018.

Производителот од Млада Болеслав открива и дополнителни детали околу другите карактеристики. Новата Fabia ќе биде достапна со Full LED предни и задни светла како и дигитален инструмент кластер (Virtual Cockpit), девет воздушни перничиња и опционален поголем резервоар чиј капацитет ќе изнесува 50 литри, наместо досегашните 40.

Fabia

Škoda ќе понуди и неколку карактеристики кои ќе ги немаат другите модели во класата. Тука е флексибилниот оддел за складирање во багажникот, отстранлив држач за чаша и отстранлив сончев штитник за панорамскиот покрив. Се на се Fabia ќе добие 43 вакви мали карактеристики.

Новата Škoda Fabia ќе биде претставена нешто подоцна оваа година, а новата генерација на Fabia Coombi се очекува кон крајот на 2022 или почетокот на 2023.

Поврзани вести

Back to top button