fbpx

Hyundai со нови фотки и детали за Staria

Корејскиот производител Hyundai објави нови фотографии и детали за новиот миниван наречен Staria, кој се одликува со уникатен дизајн

По првичните тизер фотографии кои беа објавени минатата недела, Hyundai објави нова серија на фотки и детали за нивниот „вселенски“ миниван наречен Staria. Новото возило не наликува на ништо што корејската компанија во моментов го има во својата понуда. Причина за тоа е новата дизајнерска филозофија која започнува со дизајнирање на ентериерот, а потоа се проширува на екстериерот.

Новиот Hyundai Staria се одликува со хоризонтални LED дневни светла на предниот дел кои се протегаат низ должината на возилото и доаѓаат во комбинација со ниско поставени фарови позиционирани на двете страни од решетката. Дизајнот на задниот дел на Staria е нешто поконвенционален и вклучува вертикални задни светла и широк прозорец.

Купувачите кои ќе се одлучат за Staria Premium моделот ќе добијат и уникатна решетка со различна шема, како и затемнет месинган хром на Hyundai амблемот, тркалата, ретровизорите и рачките на вратите. Staria Premium исто така добива и 18-инчни тркала со дијамантска шема и графика.

Од Hyundai велат дека ентериерот на Staria e „инспириран од страна на лаунџот во големите бродови за крстарење“ и вклучува 10,25-инчен инфозабавен екран и дигитален инструмент кластер. Сите Staria Premium варијанти пристигнуваат со амбиентално осветлување како стандард, а за моделите со седум седишта, тука е и режимот кој може да го подеси аголот на поставеност на седиштата од вториот ред. Моделите кои се опремени со 9 места за седење добиваат седишта во вториот ред кои можат да ротираат до 180 степени и да се насочат кон патниците во третиот ред.

Комплетната премиера на Hyundai Staria ќе се одржи во првата половина на оваа година.

Поврзани вести

Back to top button