Renault и Dacia ќе ја ограничат максималната брзина на возилата
Откако шведски Volvo прв повлече чекор и се одлучи за намалување на максималната брзина на своите возила, на истиот чекор се одлучуваат и Renault и Dacia
Автомобилските производители воведуваат нов тренд се со цел зголемување на безбедноста, а тоа е намалување и ограничување на максималната брзина на возилата. Според извештајот на Spiegel, шефот на Renault, Лука де Мео, за време на средбата со акционерите во Париз минатата недела соопштил дека високата брзина е главната причина за смртта на патиштата. Францускиот производител сака да ја ограничи максималната брзина на сите свои нови автомобили на бариера од 180 километри на час, а за таа цел ќе го претстави таканаречениот Safety Coach систем, а истиот ќе ги следи ограничувањата на брзината на патиштата и условите на патиштата, по што соодветно ќе ја прилагодува брзината.
Реално, постојат мал број места на светот каде што можете да возите повеќе од, на пример, 140 километри на час без да го прекршите законот. Секако, одредени делови на патиштата во Германија дозволуваат за возење без рестрикции, но тешко е да се замисли дека некој возач ќе купи нов Renault автомобил за да ја „брка“ максималната брзина на германските автопатишта. Покрај ова, Spiegel пренесува дека и Dacia ќе воведе исто ограничување на брзината од 180 километри на час.
Во овој момент, не е познато кога Renault и Dacia ќе започнат да ги испорачуваат автомобилите со најавениот Safety Coach систем, но не би требало да биде изненадување ако се повеќе и повеќе производители се приклучат на Renault, Dacia и Volvo во најавување на ограничување на брзината на возилата со пониска максимална брзина, се со цел да се зголеми безбедноста на купувачите.