Новиот Volkswagen T7 пристигнува во јуни со MQB платформа
Volkswagen објави цртеж со кој го најавува изгледот на новата генерација на својот T7 Multivan модел чија премиера ќе се одржи кон средината на јуни
Со најновиот тизер за новата генерација на T7, Volkswagen покрај најавата на премиерата, откри и дека легендарниот модел ќе пристигне под името Multivan Bulli, ќе добие целосно нова внатрешност и ќе се префрли на MQB платформата на групацијата. Исто така, откриено е дека новиот модел ќе има поголемо меѓуосовинско растојание отколку T6.1 моделот кој е во заминување, а ќе нуди и поголем простор во ентериерот.
Новиот T7 Multivan Bulli ќе се карактеризира со понапреден дизајн со одредени аспекти инспирирани од некои од своите претходници. На пример, хоризонталната линија која се протега долж каросеријата е своевиден потсетник на T3, додека хаубата потсетува на Т4.
„Со правењето чекор наназад, дополнително го засиливме безгрешниот карактер на ова легендарно возило, а притоа остануваме лојални на типичната Bulli линија. Свесно се осврнавме, на пример, на хоризонталната карактерна линија која се протега околу каросеријата како кај Т3. ДНК-та на оваа приказна продолжува да живее. Станува збор за целосно нов Multivan, кој е типичен Bulli на прв поглед“, изјави главниот дизајнер Алберт Кирцингер.
Предниот дел на T7 наликува доста на некои од поновите модели на Volkswagen, а благодарение на тоа што ќе биде поставен на MQB платформата, моделот ќе биде компатибилен со повеќе погонски опции. Според шпекулациите, новиот T7 Multivan Bulli ќе биде лансиран со вообичаените бензински и дизел мотори, по што ќе следуваат и plug-in хибридни погони.
Кога станува збор за ентериерот, новиот T7 Multivan Bullu ветува засилена практичност и поголем ентериер. Во возилото ќе се најде и 10-инчен инфозабавен систем, 360-степена камера, мал селектор за брзини и мултифункционална табла која ќе служи како конзола за патниците во првиот ред.