fbpx

Volkswagen сакал да ја купи Alfa Romeo во 2018

Идејата која постои околу една деценија била доведена на чекор од реализација во 2018 година, кога Volkswagen се обидел да го купи брендот Alfa Romeo

Уште во 2011 година Фердинанд Пих, како тогашен прв човек на Volkswagen, истакна дека голема желба на неговата компанија е да ја откупи Alfa Romeo oд FCA. Пих тогаш најавуваше амбициозни планови за италијанскиот бренд, почнувајќи од тоа дека ќе ја зголеми продажбата за четирипати, како и дека моделите ќе добијат Porsche мотор под хаубата. Тоа предизвика неколку жестоки реакции, но ситуацијата со текот на времето стивна.

Но, британски Autocar пренесува дека Volkswagen групацијата се обидела да го откупи брендот Alfa Romeo во јуни 2018 година со цел да го исполни долгогодишниот сон на Пих. Иако поранешниот лидер на VW во тој момент немаше влијание врз внатрешните работи во компанијата, Херберт Дис сметал дека е „негова должност да ги следи желбите на Пих“.

Пред околу три години, Дис наводно имал разговор со тогашниот извршен директор на FCA, Мајк Менли и го запрашал дали компанијата ќе се согласи да го продаде брендот Alfa Romeo. Но, и овојпат, како и претходно, прославената италијанска марка не била достапна за VW, откако Менли истакнал дека FCA нема намера да се ослободи од Alfa Romeo.

Сега, во 2021 година, новата групација Stellantis најави дека секој бренд во нејзиното портфолио ќе добие бенефит од инвестициите кои ќе се направат во следните 10 години, а тука се вклучени и брендовите како Lancia и DS Automobiles, секако и Alfa Romeo, што значи дека ниту еден бренд кој е дел од четртиот најголем производител на светот не е на продажба. Така, сонот на Volkswagen да го поседува Alfa Romeo нема да се оствари во блиска иднина.

Поврзани вести

Back to top button