Новиот Dacia Duster го возевме во Атина… нешто сосем поинаку!
Што се однесува до пазарот на нови автомобили во Македонија, добро е познато дека SUV изведбата Dacia е еден од клучните играчи. Новиот Dacia Duster сега е... неколку чекори понапред!
Голем број вистински подобрувања, свежина однадвор и внатре, изолација како во високите класи… тоа е она што го одликува новиот Dacia Duster.
Одлична проодност и атрактивна цена се главните адути на романскиот кросовер, кој со својата прва генерација направи вистински бум, не само кај нас, туку и глобално. На ред е второто поколение кое имаше своја премиера на салонот во Франкфурт, а сега беа спроведени и првите динамички тестови. Тие беа одржани во близината на Атина, а нашиот тим беше на местото на настанот. Еве ги нашите првични впечатоци за новиот кросовер, комплетно развиен и овој пат под будното око на врвните мајстори на својот занает од Renault.
Рудникот за мермер беше местото каде новиот Dacia Duster ги докажа своите вештини
Новиот Duster изгледа модерно, но идентитетот е зачуван. Решетката на ладилникот е нова, поширока, при што фаровите се имплементираат во страниците што е можно повеќе. Предниот браник е набилдан уште повеќе, со сребрен трапез, кој личи на „рол бар“, кој несомнено може да се додаде по желба на клиентот. Капакот на моторот е модифициран, а преминот кон вратите е поостар и поспектакуларен, што во целост ја одвојува дизајнерски новината од претходникот. Дизајнерот има интегрирано вертикални детали во црно, што дава далеку поагресивната визија. Друга карактеристична разлика е во ветробранското стакло. Неговото дно е 10 сантиметри понапред, што го прави малку поспуштен, а најголемата вредност секако е подобрената видливост. Разликите назад се најзабележливи во светлата. Тие се доста слични на оние на Jeep Renegade, но совршено се вклопуваат во новата визија на Duster. Целокупно Duster II изгледа како еволуција на минатото, но се разбира со далеку посмел, позрел, модерен и елегантен стајлинг согласно современите трендови.
За разлика од екестериерот, во ентериерот сè е сосема ново и направено од нула. Веднаш кога ќе седнете зад управувачот впечаток остава новата инструмент табла со голем екран поставен повисоко. Новиот мултифункционален волан е со електро засилувач, копчињата за централната конзола се исто така различни, модерни и управливи. Самата пластика е со многу подобар квалитет, завршната обработка скалило погоре, ергономски повеќе од добро и што е најважно никако не изгледа евтино. Друга работа што импресионира е звучната изолација во внатрешноста, која заради употребата на абсорбирачки материјали на звук, ја намалува буката за 50%. Возачкото и патничкото седиште се нови и зголемени, оптимално поставени за автомобил од оваа класа, а и назад се седи сосем пристојно, бидејќи има доволно простор и за колената и главите на патниците. Зголемен е исто така просторот за дрембулии за 30 литри, како и багажникот.
Новиот Duster е направен на платформата на која се изградени сите модели на романскиот бренд. Сепак, мораме да кажеме дека возните својства на новата генерација се значително изменети. Автомобилот е постабилен во свиоци, за што своја заслуга има потпирањето, како и зајакнатата шасија! Инженерите од романската марка ни открија дека освен во подобрената суспензија главната тајна се крие и во новите асист- состави. При мала брзина, управувачот е лесен, а урбаните маневри се „песна“. При поголема брзина воланот се вцврстува и дефинитивно го држи автомобилот на патот без корекции. Во однос на 4×4 системот, без двоумење можеме да кажеме дека во оваа класа е најдоброто нешто. Проодноста на Duster е речиси како на вистински теренец, а во тоа успеавме да се убедиме на посебно подготвен полигон, позициониран во еден рудник за мермер во близина на Атина. Системот располага со три режими – 2WD, auto и lock. Последниот се користи за тешко проодни патишта при брзина до 30 km/h. Веќе е достапен HDC систем за поддршка при возење во надолнина. Постојат предни и странични камери кои помагаат да се надминат пречките во непрегледните агли при офроуд возење.
Моторите се два бензин и два дизел, а моделот е достапен и со преден и 4×4 пренос. Дизел моторите имаат волумен од 1,5 литри и моќ од 90 и 110 коњски сили. Бензинските единици се два со волумен од 1,6 литри, со 115, а топ верзијата TЦe е со 125 КС. Сите модификации се достапни со механички менувач со шест брзини, но некои верзии исто така може да се нарачаат со автоматски менувач. Автоматскиот менувач е шестстпен EDC со двојна спојка и совршено се вклопува со Duster дизел моторите. Тој нуди многу добра динамика и речиси не ја зголемува потрошувачката на гориво.
Трендот за новите модели е дека секоја следна генерација е изградена на претходниот, што исто така води до повисока цена за автомобилот. Со Duster II, надградбата е многу различна, но интересно е тоа што цените и понатаму ќе бидат „достапни“.
Тоа го предочија во Атина, а останува да видиме што по ова прашање не чека во Скопје!