Експертите го претставија скопскиот БРТ
БРТ системот кој ќе го добие Скопје доби и свое експертско претставување пред жителите на нашиот главен град
Потребите на граѓаните за користење јавен превоз, трасите по кои ќе се движат возилата на БРТ, организацијата на станиците и наплатата на билетите беа главните теми на кои дискутираа експертите и на еден подобар начин го претставија новиот „Бас Рапид Транзит“ за жителите на нашиот главен град.
Проф. д-р Никола Крстаноски од Техничкиот факултет во Битола, кој магистрирал и докторирал во областа на јавен градски превоз на Универзитетот Пенсилванија во САД, истакна дека Скопје доцни 40 години да направи квалитетен исчекор во унапредување на јавниот превоз.
„Скопје има сериозен проблем во сообраќајниот систем – недостасува брз, високо капацитативен и еколошки превоз кој ќе биде привлечен за граѓаните. Системот за брз автобуски превоз е нов тип на јавен градски превоз. Истиот се одликува со физички издвоена траса за автобусите, со станици од затворен тип, со приоритет на сигнализираните раскрсници, АВЛ и информации за патниците во реално време, како и со паметни билети.
Наплатата, односно валидацијата на билетите ќе се врши на самата станица. Тоа ќе овозможи што е можно пократко задржување на возилата на брзиот автобуски систем на станиците заради влез и излез на патниците. Делницата од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, од крај до крај се поминува за околу 30 минути. Меѓу станиците се постигнува брзина на движење од 50 километри на час. Според меѓународната методологија за рангирање на брзите автобуски системи овој систем е бодиран како сребрен стандард – меѓу највисоките стандарди. Во Европа таков систем има уште во Руен, Франција и во предградие на Париз“, објаснува Крстаноски.
Професорот дополни дека физичката издвоеност на трасата во 82% од вкупната должина е со зелен појас. Во централниот дел – околу 400 метри е пешачка зона во која се допуштени само возила на БРТ. А ќе има и неколку кратки делници каде што не е можно одвојување со зелен појас, туку со сепаратори.
Генералниот менаџер на израелската компанија „ROM Transportation“, Моше Хирш, во своето обраќање пред присустните рече дека нивната мисија е БРТ системот целосно да се интегрира со постојниот автобуски систем кој е стар и треба да се реструктурира.
„Ќе направиме студии за да видиме што им треба на граѓаните на Скопје, каде живеат, каде сакаат да патуваат, во кој временски период и како. Станиците на автобусите од постојниот автобуски превоз и станиците на БРТ ќе бидат најблиску што може. Со воведувањето на БРТ, ќе се подобри услугата и на сегашниот автобуски систем со поголем број автобуси што ќе циркулираат“, објасни Хирш.
Градимир Стефановиќ, од англиската компанија „GSTC“, вели дека околу 200 градови во светот го имплементираат БРТ транспортот.
„Прво и многу важно е да разбереме БРТ претставува систем. Систем кој наликува на метро или на лесна железница, за патници коишто секојдневно ќе го користат. Тој систем ќе се состои од модерни автобуси со голем капацитет и безбедни коридори по кои ќе се движат. Многу градови анализираат многу опции за јавниот превоз. Но, верувајте дека ова е најпрактичното решение што го добивате за вложените пари“, рече Стефановиќ.
Со БРТ системот ќе се воспостават две линии со коридори кои ќе бидат резервирани за еколошки автобуси. Првата линија е на релација Ѓорче Петров – Ново Лисиче со должина од 12,8 километри. Втората е Бутел – Кисела Вода која е долга 10,4 километри. На овие две траси ќе бидат поставени и 20 автобуски станици.