Kia подготви рестилизација на Ceed
Јужнокорејската компанија Kia одлучи да направи фејслифт на својот модел од C-сегментот Ceed, кој пристигнува со неколку дизајнерски промени
Со оглед на тоа дека има 28 проценти удел во продажбата на Kia на европскиот пазар, Ceed е еден од најважните модели на компанијата. Овој модел се натпреварува во исклучително конкурентниот C сегмент, а за да го одржи својот компактен адут свеж и компетитивен на пазарот, јужнокорејскиот производител подготви стилско унапредување и освежување на средина од животниот век.
Најголемиот дел од промените се однесуваат на дизајнот. Најочигледната промена се наоѓа на предниот дел каде се наоѓа редизајнираната предна решетка со нагласени металик акценти, а plug-in хибридната верзија добива затворен дизајн. На двете страни од решетката се наоѓаат новите фарови кои пристигнуваат со нов дизајн на LED поставката, заедно со новите дневни светла.
Хечбекот со пет врати во GT-Line или GT ниво на опременост добива и рестилизирани задни светла со 48 елементи прекриени со затемнето стакло. Задните кластери имаат и динамични индикатори за насока. Дизајнерскиот тим на Kia одлучи да ги модифицира браниците, особено предниот каде се наоѓа сјајно црн трим на двете страни каде се наоѓаат и лажните отвори за воздух. Промените завршуваат со новите 17 и 18-инчни тркала од лесна легура со нов дизајн и четири нови бои- Experience Green, Yucca Steel Grey, Machined Bronze и Lemon Splash. Треба да се напомене и тоа дека кај GT пакетот на опрема завршетокот на издувните цевки повеќе не се правоаголни, туку кружни.
Без големи промени во ентериерот, моторната постава останува иста
Во ентериерот нема многу промени, тука и понатаму се наоѓа истиот 12,3-инчен дигитален инструмент кластер и 10,25-инчниот екран на допир за инфозабавниот систем. Купувачите ќе можат да бираат меѓу пет опции за тапацир, од кои три дебитираат со освежената верзија, заедно со новодизајнираната рачка од менувачот за GT-Line и GT верзиите.
Кога станува збор за технологијата, освежениот Ceed добива бежичен Apple CarPlay и Android Auto во комбинација со USB полначки порт во централната конзола за патниците на задната клупа. Како опција достапни се греење за предните и задните седишта, заедно со двозонскиот автоматски клима-уред и JBL аудио-систем со осум звучници.
Моторната постава и понатаму останува иста. Базичната единица е трицилиндерски 1,0-литарски турбо бензинец со 120 КС, а овој агрегат има варијанта и со ТНГ. Потоа следува уште еден бензински мотор од 1,5-литари и 160 КС, додека најпотентната верзија на Ceed е опремена со 1,6-литарски мотор кој испорачува 204 КС. Plug-in хибридот останува во понудата, но тој е достапен само кај караванското издание. Овој склоп испорачува 141 КС и може да помине 58 километри користејќи само електрична енергија.
Производството на освежениот Kia Ceed започнува во август, пред испораките да започнат во последниот квартал од годинава. Кросоверот XCeed ќе ги добие стилските ревидирања во текот на следната година.