Opel Astra ја доби и својата Sports Tourer варијанта
Германскиот производител Opel ја претстави караванската верзија на новата Astra која го понесува името Sports Tourer
Групацијата Stellantis, четвртиот најголем производител на светот, успеа да ја надмине групацијата Volkswagen во Европа минатиот месец, а со новите производи кои се на хоризонтот, конгломератот кој има 14 брендови под своја закрила, има за цел да ги подобри продажните резултати. Една од клучните улоги ќе ја има и новиот модел на Opel. Достапен на пазарот од почетокот на следната година, Sport Tourer варијантата на новата Opel Astra споделува голем број дизајнерски елементи со хечбек верзијата.
Изгледот е онаков каков што можеше да се очекува, но предвидливиот дизајн е далеку од лоша работа. Новата Astra Sports Tourer го наследува остриот стајлинг на хечбекот, што значи пар LED фарови со остар дизајн со дневни светла споени со парче сјајно црн панел во кој се сместени голем број сензори. Од друга страна, задните надвиснувања го зголемуваат капацитетот на багажникот. Од Opel велат дека просторот за складирање може да собере 608 литри, а со поклопени седишта капацитетот расте до 1.634 литри.
Препознатлива моторна постава
Должината на возилото изнесува 4,6 метри, ширината е 1,8, а висината 1,4 метри. Комплетните погонски детали за Opel Astra Sport Tourer не се објавени, но се очекува да ги наследи истите мотори кои се достапни кај хечбекот. Тоа вклучува 1,2-литарски турбо трицилиндричен бензинец со 110 КС и 205 Nm максимален вртежен момент, или пак помоќната верзија со 130 КС и 230 Nm. Во понудата е и 1,5-литарскиот четирицилиндричен турбодизел со 130 КС.
Се очекуваат и две plug-in хибридни варијанти, кои комбинираат 1,6-литарски турбо четирицилиндричен агрегат, електромотор и 12,4 kWh батерија со моќност од 180 КС и 360 Nm, а попотентната верзија испорачува 225 КС. Шестстепениот мануелец е стандарден, а помоќните верзии, вклучително и PHEV варијантите, добиваат осумстепен автоматик.
Кога станува збор за ентериерот, моделот пристигнува стандардно со 10-инчен дигитален инструмент кластер, голем инфозабавен екран со бежични Apple CarPlay и Android Auto и се очекува да пристигне со истите Design, GS Line и Ultimate нивоа на опременост како и хечбекот.
Деталите околу цените ќе бидат познати кога ќе бидат отворени и нарачките на почетокот од 2022 година во пресрет на испораките кои ќе започнат кон средината на годината.