fbpx

Mazda 2 Hybrid е ребрендиран Yaris за Европа

Јапонскиот производител официјално го претстави Mazda 2 Hybrid моделот за европскиот пазар како ребрендиран Toyota Yaris

Новиот самополнечки хибриден субкомпактен модел Mazda 2 Hybrid ја доживеа својата премиера за европскиот пазар, а станува збор за ребрендиран Yaris. Новиот модел ќе биде достапен од следната пролет и ќе се продава заедно со постоечката освежена Mazda 2 која неодамна беше лансирана.

Од претходно беше познато дека Mazda подгтвува своја верзија на Toyota Yaris Hybrid според извештаите од минатата година. Како што може да се очекува, изгледот на Mazda 2 Hybrid е идентичен со оној на Yaris, со исклучок на беџовите. Истото важи и за ентериерот, каде единствената разлика во однос на Yaris е Mazda беџот на управувачот, како и Mazda 2 натписот на патосниците.

Mazda 2 Hybrid

Моделот е базиран на TNGA-B архитектурата и има должина од 3.940 милиметри, со меѓуоскино растојание од 2.550 милиметри.

Најновиот самополнечки хибриден погон на Toyota испорачува комбинирани 116 КС и 169 Nm максимален вртежен момент. Системот е сочинет од природно аспириран 1,5-литарски трицилиндричен мотор кој испорачува 92 КС, електромотор кој додава 80 КС кој е поврзан со предните тркала, како и втор електромотор за стартување на моторот и полнење на литиум-јонската батерија. Вториот електромотор се полни преку енергетската регенерација при намалувањето на брзината и преку бензинскиот мотор кој му овозможува на малиот модел да стартува и да работи во ЕВ режим подолго време.

Стратегија за намалување на флотните емисии

Mazda 2 Hybrid може да забрза од нула до „стотка“ за 9,7 секунди, но она што е импресивно е дека комбинираната потрошувачка според WLTP варира меѓу 3,8 и 4,0 литри на 100 километри. Моделот се нуди во три нивоа на опременост наречени Pure, Agile и Select. Ова е првпат јапонскиот производител да нуди фул хибриден модел во својот европски опсег на возила, кој вклучува неколку благи хибриди и целосно електричниот MX-30. Ребрендираниот модел ќе и помогне на Мazda да ги намали просечните емисии на својата флота во Европа и да ги пресретне строгите регулативи. Компанијата вели дека има за цел да го намали корпоративниот просек на CO2 емисии за 50 проценти до 2030 година и да достигне карбонска неутралност до 2050 година.

Mazda 2 Hybrid

Слична стратегија како Mazda во Европа користи и Suzuki, кој во моментов во Европа ги нуди Swace и Across, кои се ребрендирани верзии на Toyota Corolla Sport Tourer и RAV4.

Поврзани вести

Back to top button